Ekipa
12 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Работата на развивање вакцина против Ковид-19 се одвива со полна пареа, но коронавирусите се „итри“, изјави денес портпаролката на Светската здравствена организација (СЗО).
„Работата за развој на вакцината се движи побрзо од кога и да било во историјата на науката, а ние имаме над 100 конкурентни вакцини, а начините на кои тие се тестираат се забрзани“, рече д-р Маргарет Харис на онлајн брифингот за медиумите.
„Но, коронавирусите се многу итри вируси - тешко е да се произведат вакцини против нив.“
Портпаролката Харис рече дека поради тоа многу од водечките научници одат кон тоа да го стимулираат нивото на имунитетот.
„Треба да се осигура и дека тој имунитет навистина штити од коронавирусот. Оваа област на науката е навистина остар свиок во моментов. Тоа е нешто на кое сè уште немаме јасен одговор“, рече таа.
Харис истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) се најпогодената земја во светот.
„Што појде во погрешен правец? Зошто имаме толку голема пандемија? Сите овие прашања се разгледуваат и се поставуваат. Вистината е дека нема да имаме добри одговори сè до оној момент кога ќе имаме време за нивно анализирање“, рече таа.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Габрејесус, порача дека сè додека не постои вакцина против коронавирусот, земјите треба да го следат „сеопфатниот пакет мерки“ на СЗО за да се справат со вирусот.
Тој рече дека е потребно јасно согледување на пренесувањето на Ковид-19 и интензитетот на вирусот кај децата.
Универзитетот „Џонс Хопкинс“ објави дека заклучно со денес, во светот има 4,19 милиони случаи на Ковид-19 и 286.615 смртни случаи. Од вирусот оздравеа 1,46 милион лица. Во САД има речиси 1,35 милиони случаи на вирусот и 80.684 смртни случаи. Досега регстрирани се 232.733 излекувани лица“.