Sümeyye Dilara Dinçer
16 Јули 2021•Ажурирај: 19 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Кина да соработува повеќе во втората фаза на истражувањето за потеклото на новиот вид короновирус Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, упати повик до Кина за овозможување на поголем пристап и поголема транспарентност.
Изјавувајќи дека треба да се пристапи до податоците и пред и по избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, Гебрејесус рече дека Кина не ги споделила податоците со истражувачкиот тим за време на почетната фаза на истрагата.
Комитетот за вонредни состојби на СЗО предупреди дека пандемијата не е завршена и дека не е исклучена можноста нови и опасни варијанти да се прошират низ целиот свет.
Првата фаза од истрагата за потеклото на епидемијата заврши во февруари.
- СЗО го посети Вухан -
Кина, која претходно ги отфрли барањата за истрага за потеклото на вирусот, ѝ дозволи на делегацијата на СЗО да спроведе истраги во Вухан по зголемениот меѓународен притисок.
СЗО испрати делегација меѓународни научници во градот Вухан, Кина, каде што се појавија првите случаи на вирусот.
Некои членови на делегацијата информираа дека за време на процесот на истражување кинеските власти им дале свои резимеа и анализи на податоци за првите случаи на почетокот на епидемијата, но одбиле да споделат необработени информации.
Во рамките на теренските студии што започнаа на 29 јануари, делегацијата направи истраги во Институтот за вирусологија во Вухан, кој беше предмет на тврдењата дека вирусот несреќно излегол од неговата лабораторија.
Институтот, основан за создавање архива со генетски информации за коронавирусите на лилјаците по епидемијата на Акутен респираторен синдром (САРС) во периодот 2002-2003 година, беше обвинуван дека Ковид-19 е вештачки произведен во таа лабораторија и бил случајно ослободен оттаму.
Кинеските власти ги негираа обвинувањата и изнесоа недокажани контратврдења дека Ковид-19 потекнува од друга земја и дека дошол во земјата со увезена замрзната морска храна.
- Ковид-19 за првпат е забележан на Пазарот за храна во Вухан -
Светот за првпат дозна за избувнувањето на епидемијата со Ковид-19 кога Кина на 31 декември 2019 година го информира СЗО дека во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи, се појавило „мистериозно респираторно заболување од непознато потекло“.
Болеста најпрво е забележана кај луѓето што го посетиле Пазарот за морска храна во Вухан, а првиот пациент е хоспитализиран на 17 ноември со респираторно заболување од непознато потекло.
Разбирливо беше дека болеста што предизвикува гноење на белите дробови е предизвикана од претходно непознат вид коронавирус, за кој се претпоставува дека е мутиран бета-коронавирус пронајден кај лилјаците.