15 Јули 2020•Ажурирај: 18 Јули 2020
ПАРИЗ (АА) - Лекарите во болница близу Париз објавија студија за првиот случај на бебе заразено со Ковид-19 во матката, а потоа родено со оваа болест, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Написот објавен на 14 јули во списанието „Nature Communications“, содржи детали за породувањето и раѓањето на машко бебе од страна на 23-годишна мајка заразена со Ковид-19 за време на последниот триместар од нејзината бременост. Група од осум истражувачи ги презентираа наодите бидејќи вирусот е откриен на третиот ден од раѓањето на бебето.
Мајката во болница дошла на 8 март со симптоми на Ковид-19 непосредно пред породувањето, со особено тешка кашлица и треска од 38,6 степени Целзиусови.
Детето е породено се царски рез, а по раѓањето покажало симптоми на вирусот, како што е вкочанетост, оштетување на белата материја во мозокот и екстремна раздразливост.
И детето и мајката успеаја да се излекуваат, бебето во рок од три недели. Мајката е пуштена од болницата шест дена по породувањето во добра општа состојба.
Во студијата се вели дека сè уште е нејасно како инфекцијата можела да се пренесе од мајката на фетусот, но се укажува на можноста преку папочната врвца.
Во написот се вели: „Преносот е потврден со сеопфатно виролошко и патолошко испитување“, истакнувајќи дека SARS-CoV-2 предизвикува матернална виремија или вирус во крвта, плацентарна инфекција и неонатална виремија по плацентарна инфекција, што значи новороденче родено со вирус добиен со заразување во матката.
Пред овој случај, лекарите велеа дека вирусот се пренесува преку капките што се испуштаат во воздухот од еден човек на друг, и дека другите начини за заразување се само хипотетички.