Övünç Kutlu
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
ЊУЈОРК (АА) - Филмот на режисерот Гиљермо дел Торо „Обликот на водата“, е прогласен за најдобар филм на 90. доделување на наградите на Американската академија за филмски уметности и науки, јавува Anadolu Agency (AA).
Во театарот „Долби“ во Холивуд, синоќа се одржа јубилејното 90. доделување на Оскарите, најпрестижните награди во филмската индустрија, а од вкупно 13 номинации, филмот „Обликот на водата“, освои четири златни статуетки. Фантастична романтична драма за нема хигиеничарка, вработена во лабораторија, која се вљубува во необично речно суштество, доби Оскар во категориите: Најдобар филм, Најдобра режија, Сценографија и Оригинална музика.
Филмот „Обликот на водата“, победи во конкуренција на номинираните филмови: „Скриена љубов“, „Клучен час“, „Бегај!“, „Лејди Брд“, „Фантомска нишка“, „Весник“ и „Три плакати надвор од градот“.
Оскар за режија му беше доделен на мексиканскиот режисер, сценарист, продуцент и писател Гиљермо дел Торо за филмот „Обликот на водата“, додека Оскар за најдобра главна улога доби Гери Олдман за неговата улога во филмот „Преломен час" и Френсис Мекдорманд за нејзината улога во „Три плакати надвор од градот“.
Џејмс Ајвори освои Оскар во категоријата Најдобро адаптирано сценарио за филмот „Скриена љубов“, а за Оригинално сценарио Оскар доби Џордан Пил за филмот „Бегај!“, и стана првиот црномурест Американец, кој се закитил со оваа награда.
Научнофантастичниот филм „Блејд Ранер“ освои Оскар за Фотографија и визуелни ефекти.
Во категоријата Најдобри долгометражни и краткометражни анимирани филмови, Оскар освоија „Коко и големата тајна“ и „Драга кошарко“, кој е креиран од писмата со кои од кошарката се прости легендарниот американски кошаркар Коби Брајант.
Американскиот документарец на Френк Стифел, за уметницата Минди Алпер, „Heaven Is a Traffic Jam on the 405“, освои Оскар во категоријата за краткометражен документарен филм.
„Тивко дете“, британскиот филм за глуво четиригодишно девојче, кое социјалната работничка го учи на јазикот на знаците, е избран за најдобар краткометражен игран филм.
Јубилејното 90. издание на доделувањето на Оскарите го водеше комичарот Џими Кимел, кој укажа на сè почестите скандали на сексуално насилство во светот на шоу-бизнисот.
Потсетувајќи дека првото доделување на наградите „Оскар“, пред точно девет децении, траело само 15 минути, Кимел на симпатичен начин им укажа на идните добитници на награди дека говорите треба да им бидат пократки.
Првиот Оскар на церемонијата е доделен во категоријата за најдобра споредна машка улога, а го доби Сем Роквел за филмот „Три плакати надвор од градот“. Истиот Оскар во женска конкуренција го доби Алисон Џени за филмот „Јас, Тоња“.