Serkan Güner
24 Септември 2018•Ажурирај: 25 Септември 2018
КИРШЕХИР (АА) - СЕРКАН ЃУНЕР -
Пејачот на турска народна музика, Нешет Ерташ, кој е познат по прекарот „Перце на степата“, а во своите песни го користи псевдонимот „Гарип“, којшто има значење осамен, чуден итн., иако поминаа 6 години од неговата смрт, со уметничките дела сè уште продолжува да ги освојува срцата на граѓаните на Анадолија, пишува Anadolu Agency (AA).
По повод 6-годишнината од смртта на маестрото на бозлакот (вид турска народна песна од Анадолија), се организираат различни програми. Тој почина на 25 септември 2012 година во турскиот град Измир, а е погребан во неговиот роден град, Киршехир, каде што на погребната церемонија беше присутен и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Бројни институции во Киршехир, а и Центарот за култура и уметност, се именувани по Ерташ, кој беше еден од последните претставници на средноанадолската „абдалска“ култура.
„Абдал“ е име на највисокиот духовен ранг што може да се сретне во порадикалните форми на турскиот суфизам. Абдал е лице што се откажало од сè на светот, освен од Господ. Лицето што го постигнало рангот „абдал“ може да достигне до апсолутно и директно познавање на вистината. Како една општествена личност, абдал е авторитет што ја нуди раката за помош на слабите, угнетените, и тие што се под притисок, и кој води борба против неморалноста во општеството. Абдалите кои се повеќе распространети меѓу Туркмените номади, го изразиле незадоволство на народот против државниот авторитет на Селџуците или Османлиите, а биле и иницијатори на разни востанија.
- Животот на Нешет Ерташ -
Ерташ е роден во 1938 година во подрачјето на Чичекдаги, во турскиот град Киршехир.
Тој свиреше на инструментот баглама, кој е турски традиционален жичен инструмент.
Ерташ во 1957 година се пресели во Истанбул, каде што го издаде својот прв албум насловен како „Neden Garip Garip Otersin Bulbul“.
Откако работеше две години во Истанбул, се пресели во турскиот главен град, Анкара, каде што се сретна со Лејла, за која потоа се ожени и покрај спротивставувањето на неговиот татко. Парот имаше три деца.
Во 1978 година, Ерташ мигрираше во Германија заради лекување, бидејќи неговите прсти беа парализирани. Тој во 2000 година се врати во Истанбул за да одржи концерт.
УНЕСКО го признава Ерташ како живо човечко богатство. Тој не ја прифати титулата „државен уметник“ што му ја понуди тогашниот турски претседател, Сулејман Демирел.
Ерташ во 2011 година ја доби титулата „почесен доктор на науки“ од страна на Државниот конзерваториум на турската музика при „Istanbul Technical University“.
Ерол Парлак, професор на Универзитетот за музика и уметности во Анкара, издаде два тома под наслов „Garip Bulbul Neset Ertas“ за биографијата и песните на Ерташ.
Неговите најпознати песни се: „Yalan Dunya“ (Лажен свет), „Kirsehir'in Gulleri“ (Ружите на Киршехир), „Neredesin Sen“ (Каде си ти), „Gonul Dagi“ (Планина на срцето), „Yaraladi Bu Ask Beni“ (Оваа љубов ме повреди), „Yolcu“ (Патник), и многу други.