Ekipa
13 Јануари 2025•Ажурирај: 16 Јануари 2025
УТАР ПРАДЕШ (АА) – Огромен број аџии во Индија го изведоа ритуалното капење во потрага по духовно ослободување, во рамките на „Маха Кумб Мела“, фестивалот хинду што важи за најголем религиозен собир во светот, кој започна денес во северната индиска држава Утар Прадеш, јавува Анадолу.
По повод фестивалот инсталирани се безбедносни камери со вештачка интелигенција за да се осигури целосна безбедност на посетителите.
„Маха Кумб“, кој длабоко е врежан во митологијата хинду, се одржува на секои 12 години на бреговите на реката во градот Прајаграџ. Годинава се одржува од 13 јануари до 26 февруари.
Прајаграџ, порано познат како Алахабад, се смета за свето место за Хиндусите бидејќи тука е Тривени Сангам, односно, според Хиндусите, светиот слив на Ганг, Јамуна и митската река Сарасвати.
Официјални претставници рекоа дека првиот ден милиони аџии го извеле ритуалното капење за прочистување на гревовите и постигнување духовно ослободување. Ваибхав Кришна, висок полициски претставник од Утар Прадеш, рече дека утрово во водите ритуално капење извеле околу 5 милиони луѓе.
Исто така, официјалните претставници велат дека не се очекуваат само аџии од различни индиски држави туку дека ќе присуствуваат и над 1,5 милиони странски посетители.
Претходно овој месец индиската Влада соопшти дека поради тоа што настанот ќе биде најголем собир во светот, на кој се очекува да присуствуваат над 400 милиони луѓе, мерките за безбедност се зајакнати со цел да се обезбеди непречено одржување на настанот.
Освен надзорот со вештачка интелигенција и дронови за мониторирање на огромната област на „Маха Кумб“, во официјалното соопштение се наведува дека првпат подводни дронови ќе вршат деноноќен надзор под нивото на реките.
Индискиот премиер Нарендра Моди на Х објави дека „Маха Кумб“ започнал, обединувајќи огромен број луѓе: „Маха Кумб го отелотворува безвременото духовно наследство на Индија и ги слави верата и хармонијата.“