Besar Ademi
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот балкански универзитет во Скопје (ИБУ) по четврти пат го организираше „Традиционалниот ден на ашуре и пилав“, каде што студентите и другите гости имаа можност да ги вкусат ашурето и пилавот подготвени во просториите на овој универзитет, јавува Anadolu Agency (AA).
Ректорот на Балканскиот универзитет во Скопје, Исмаил Коџајусуфоглу како домаќин на овој настан го објаснуваше составот на ашурето, коешто се подготвува со мешање различни состојки. Тој рече дека оваа храна има посебен вкус и ја пренесува историјата уште од времето на божјиот пратеник Нух (Ное).
„Ние како универзитет, денеска го доживуваме овој момент затоа што младите од различни религии и култури што студираат на нашиот универзитет, соединети создаваат мир“, вели тој.
Гостин на настанот беше и секретарот на Министерството за култура на Република Македонија, Бехиџудин Шехаби. Тој истакна дека како што ашурето се прави од различни состојки, и во Македонија живее народ со различни религии и култура.
„Во Македонија, оваа мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиска земја, Денот на ашурето има особено значење, затоа што сите заедно го празнуваме овој ден. Како што во ашурето има различни видови овошје, и во Македонија живеат луѓе со различна религија, култура, идеологија и перспектива“, рече Шехаби.
На традиционалниот настан организиран од ИБУ, присуствуваше и турскиот амбасадор во Македонија, Омур Шолендил, како и претставници на турските институции и невладини организации во Македонија. Амбасадорот Шолендил, чиј мандат како амбасадор завршува овој месец, на гостите им го честиташе Денот на ашурето и истакна дека за време на неговиот мандат како амбасадор, неговата цел била само создавањето братство.
Зборот „ашуре“ доаѓа од арапскиот јазик и произлегува од зборот „ашр“, кој на арапски значи „десет“. Денот на ашуре е десеттиот ден на месецот Мухарем. Месецот Мухарем е првиот месец од новата лунарна година и е еден од светите месеци за муслиманските верници.