Orhan Sağlam
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Во турскиот град Ван, моделите на теписи и молитвени килими чија историја се протега цел еден век, заедно со нивните автентични мотиви, повторно оживуваат преку вештите раце на мајсторите на ткаењето, јавува Анадолу.
Институтот за традиционални занаети и уметност во Ван, со цел да ги зачува од заборавот и да им ги предаде на идните поколенија уметностите што носат траги од цивилизациите кои владееле на овие простори, спроведува теренско истражување во рамките на проектот „Од традицијата кон иднината“.
Тимот за истражување и развој на Институтот ги посетува маалата едно по едно, внимателно ги проучува моделите и мотивите на старите килими и собира скапоцени приказни за нивната историја од локалните жители.
Овие грижливо сочувани модели потоа повторно се ткаат во работилницата на Институтот, каде што жените со огромна посветеност им даваат нова форма.
Користејќи конци обоени со природни бои, тие со секој нов јазол ги оживуваат традиционалните мотиви кои полека почнале да бледнеат, претворајќи го секој килим во мост помеѓу минатото и иднината.
- „Имаме килим стар повеќе од 100 години“ -
Директорката на Институтот во Ван, Есин Текин Баран, за Анадолу изјави дека нивната цел е вековните производи со истите мотиви да ги пренесат во иднината токму преку овие работилници.
Таа објасни дека работата на терен и во работилницата продолжува со полна пареа: „Кога ткаеме килим, времето како да запира. Изработката на килим не е толку брза како онаа на едноставните ткаенини. Во изминатите две години направивме четири големи килими. На почетокот бевме само пет, а денес веќе 19 жени ја наоѓаат својата егзистенција и инспирација овде. Ова е плод на сериозен труд. Тука се клучни трпението, емоциите и мотивот.
Ткаењето е длабоко поврзано со чувствата – ако имате мир и спокој во душата, тогаш и работата тече побрзо.“
Нагласувајќи ја важноста на мисијата на Институтот, Баран додаде: „Нашата желба е да им ги пренесеме на младите генерации најубавите примери од нашата традиција и минато. Ова го правиме со цел да отвориме пат за едукација и вработување, но и за тие никогаш да не ја заборават сопствената култура. Токму тоа е благородната мисија на нашата институција и затоа со голема радост се посветуваме на вакви прекрасни дела.“