Ivana Ramadanova
22 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со гала оперски концерт на солистите и оркестарот на Македонската опера и балет плато пред МОБ, под диригентство на Бисера Чадловска, синоќа во Скопје беше отворено Триесет и седмото „Скопско лето“, јавува Anadolu Agency (AA).
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски кој го отвори „Скопско лето“ истакна дека оваа манифестација е од големо значење за градот како и за привлекување внимание на странските посетители.
„Скопско лето дава исклучителен придонес кон богатата туристичка понуда на Скопје. И оваа година програмите ќе се реализираат на 19 локации и простори во Скопје, како што се: театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, Куршумли ан, централното градско подрачје и други, кои што во квечерините на летото се претвораат во летни сцени, добивајќи нов лик и функција", истакна Трајановски.
Годинава на „Скопско лето“ предвидени се 40 вечери исполнети со уметност од околу 900 учесници во 52 програмски термини, од кои 19 музички настани, 10 ликовни изложби, 11 филмски проекции, 9 театарски претстави и други содржини, кои ќе бидат презентирани од домашни и изведувачи од 19 држави во светот.
Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, а покровители се Министерството за култура и Град Скопје.