Пензионирана сметководителка ги претвора морските школки што ги собира од плажа во уметност
- „Додека подготвував подарок за една пријателка, си помислив: ‘Што можам да направам нешто лично за неа?’ Така школките што ги имав ги претворив во дизајн“
Hakan Firik
23 Јули 2026•Ажурирано: 23 Јули 2026
photo: Hakan Firik / AA
БАЛИКЕСИР
Белгин Балалан од турскиот округ Едремит, во Баликесир, со своите вешти раце морските ѕвезди и школките што ги собира и чува уште од детството, ги преобразува во украсни сувенири, претворајќи ја својата 20-годишна страст во професионална дејност, пишува Анадолу.
Балалан, која пред години започнала да изработува подароци за своите пријатели, по пензионирањето од професијата овластен сметководител го претворила ова хоби во начин на живот. Денес изработува естетски предмети како што се ѕидни украси, рамки за фотографии, приврзоци за клучеви, облоги за саксии и декоративни панели.
Таа им дава нов живот на морските ѕвезди и школките што ги собира од природата, а своите изработки внимателно ги создава во поткровјето на својот дом, кое го претворила во работилница.
Фотографија : Hakan Firik/AA
Балалан, која по нарачка ги продава своите производи, за Анадолу раскажа дека собирањето, чистењето и чувањето на школките со текот на времето го претворила во вистинска уметничка практика.
„Уште од детството ги собирав школките од плажите и од морското дно. Додека подготвував подарок за една пријателка, си помислив: ‘Што можам да направам нешто лично за неа?’ Така школките што ги имав ги претворив во дизајн. По позитивните реакции решив, наместо да ги следам дизајните од странство и од Турција, да создавам свои оригинални решенија“, рече таа.
- Подготовки за изложба -
Балалан истакна дека преку профил на социјалните мрежи ги споделува своето искуство и процесот на изработка со своите следбеници, додавајќи дека дизајните на производите ги приспособува според нивната намена.
Фотографија : Hakan Firik/AA
Таа нагласи дека обложувањето на глинените саксии со морски школки е тежок, но многу ценет процес.
„Сакав луѓето да ги засакаат овие дарови од морето и да ги имаат во своите домови, балкони и на влезовите. На пример, приврзоците за клучеви ги дизајнирав за да се постават на влезната врата, за уште при влегувањето во домот да се почувствуваат мирисот и свежината на морето“, рече Балалан.
Таа додаде дека започнала подготовки за изложба со цел своите дела да ги претстави пред пошироката јавност, а истовремено, преку продажба според интересот на посетителите, да придонесе и за семејниот буџет.
Пензионирана сметководителка ги претвора морските школки што ги собира од плажа во уметност