Admir Fazlagic
14 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ Колку повеќе се постари, толку повеќе се вредни и од историски, но и од културолошки аспект, ретките фотографии што ја отсликуваат реалноста во минатото.
Токму таква е историската фотографија „Солунска чалгија“ од далечната 1908 година која ја поседува историчарот и новинар истражувач Диме Ратајкоски. Фотографија за која вели дека е бесценет фото-историски артефакт кој го добил неодамна од Република Турција, а за првпат во јавноста го споделува со Агенција Анадолија (АА).
Во разговор за АА, Ратајкоски објаснува дека фотографијата го носи насловот „Солунска чалгија ‒ 1908 год.“, потенцирајќи дека е евидентирана слично и на задната страна, „прилично оштетена, обелена и во лоша состојба, изедена од забот на времето“.
„Чалгаџии, од десно на лево седат: Ќемал беј на дајре, Рифат беј на канон, Рамиз беј на ут и Галиб беј на виолина; oд десно на лево стојат: Осман беј на дајре, Хаки беј на саз или баглама и Хамди беј на ќемане. Оваа фотографија, барем засега, е најстарата фотографија од Османлиска Македонија која прикажува полн состав на чалгиска група, дел од Камера Отомана (Camera Ottomana) и Камера Македоника (Camera Macedonica)“, вели Ратајкоски, објаснувајќи ја фотографијата.
„Оваа фотографија е безвремен украс, чија старост, како што минува времето, ги зголемува вредноста и значењето“, смета тој.
„Оваа фотографија ќе нѐ натера да се запрашаме и застанеме на многу аспекти кои отвораат големи институционални проблематики поврзани со заштитата на културното наследство, не само на фотографското, туку и на музичкото…“, вели Ратајкоски, кој притоа ги објаснува генералиите на фотографијата, наведувајќи дека таа е со димензии 29 x 23 сантиметри, сепија ‒ залепена на тврд картон.
Како што наведува во разговорот, фотографијата е изработена во 1908 година „во златната доба на чалгијата, кога овој музички инструмент бил популарен во градовите низ Османлиска Македонија, пред сѐ во Солун, Битола, Скопје, како и во останатите помали градови“.
„Оваа незаштитена фотографија, која денеска ја објавувам за првпат, дел од мојата колекција, е сведок на тоа време обоено со звуците на макамот (скалата на музицирање), чиј интензитет постепено ќе почне да бледнее низ годините, до неговото „комплетно“ згаснување“, потенцира Ратајкоски.
Според него, оваа фотографија, всушност, е нем сведок дека уште од времето на Османлиите, чалгијата е дел од македонската музичка традиција која опстојува и денес.