Furkan Abdula
01 Септември 2023•Ажурирај: 02 Септември 2023
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржа прес-конференција по повод 44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола, јавува Анадолу.
Дел од прес-конференцијата беа Симеон Мони Дамевски, директор на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, и селекторите на програмата, Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски.
На конференцијата, селекторите на Интернационалниот фестивал на филмската камера ја објавија програмата на овогодишното 44. фестивалско издание.
На Фестивалот и годинава ќе има програми за кратка, документарна и студентска програма.
Според организаторите, дел од главната компетитивна програма покрај другите филмови ќе биде и најновиот филм на турскиот режисер Нури Билге Џејлан, насловен „About Dry Grasses“.
Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, информира дека гости на Фестивалот ќе бидат актери, кинематографери и познати лица од домашно, регионално и светско ниво.
„Годинава имаме двајца оскаровци, од кои едниот е овогодинешниот добитник на Оскарот, Џејмс Френд, кој ни доаѓа во Битола. Другиот е добитникот на животната награда Питер Бижу“, рече Дамевски, додавајќи дека покрај двајцата оскаровци, во Битола ќе доаѓаат и други бројни познати гости.
„Имаме огромен број извонредни филмови. Повеќе од изминатите 3 години. Преку 70 филмови, се расподелени во некои програми коишто се новитети на Фестивалот“, додаде Димевски.
Тој рече дека во рамки на Фестивалот ќе има вечер на француска култура, вечер на турска култура, вечер на италијанска култура, и вечери на други култури.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е најстариот филмски фестивал посветен на креативноста на кинематограферите. Првото издание на Фестивалот се одржало во 1979 година, а инспирацијата да се основа Фестивалот е да се оддаде чест на фотографскиот и кинематографски опус на браќата Манаки, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964).