Furkan Abdula
10 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржа прес-конференција за Неделата на турскиот филм, во заедничка организација на Министерството за култура и туризам на Турција и Здружението за локална мисла, јавува Anadolu Agency (AA)
На оваа прес-конференција, учествуваа Јалчин Топчу, главен советник на турскиот претседател, Метин Ѓундогду, пратеник од АК Партија, Тулин Еркал Кара, амбасадорка на Р. Турција во Скопје, претставници на различни иституции и здруженија во земјата и голем број поканети лица.
Топчу во својот говор истакна дека уметноста е многу значаен мост за заедниците подобро да се разберат едни со други, и вели дека преку киното се издигнува културата, и тоа придонесува за мирот, слободата и безбедноста. Тој нагласи дека Македонците и Турците имаат многу сличности, а во овие филмови ќе можат да се забележат приказните што двата народа ги споделиле во период од 500-600 години.
Тој истакна дека во добрите демократии, позитивната опозиција е корисна и за себеси, и за својот народ, и за својата држава, и рече дека жали за последните случувања во Македонија, кој тој ја окарактеризира како пријателска земја. Топчу нагласи дека посакува да се дојде до решение со толеранција, усогласување и со меѓусебен договор.
Исто така, Топчу истакна дека Македонија, која со Турција има стари историски врски, добри социјалјни, политички и економски односи, е фактор за мирот во регионот, и дека македонската држава и македонскиот народ ја гледаат како клучна за мирот на Балканот.
„Гледаме дека Македонија презема позитивни чекори во однос на индивидуалните права и слободи на нашите роднини, сограѓани и соверници, и многу сме задоволни од тоа. Отворањето на патот на индивидуалните права и слободи во државата овозможува вечно единство. И во нашата држава патот на правата и слобидите е отворен до крај“, истакна тој.
Меѓу другото, Топчу се осврна и на борбата на Турција против терористичките организации како ПКК, ПЈД, ЈПГ, ДЕАШ, ФЕТО, и рече дека терористичката организација ФЕТО не претставува проблем само за Анкара, туку е проблем за сите метрополи. Топчу вели дека терористичката организација ДЕАШ ги прави метрополите на земјите небезбедни.
„Колку што е безбедна Анкара, која се бори против ФЕТО, ПЈД, ПКК и ДЕАШ, толку се безбедни и метрополите на земјите што ја оставија Турција сама во оваа борба. Во оваа борба, Турција сака да ги види до себе своите стратешки партнери и пријателските земји“, рече тој.
Топчу истакна дека се мошне задоволни од поддршката на Македонија во борбата против терористичките организации, и посака оваа поддршка да продолжи.
Од друга страна, амбасадорката Кара укажа на важноста од промовирањето на турската култура во Македонија, и истакна дека граѓаните на оваа земја го научиле турскиот јазик од турските серии и филмови. Таа сподели случка, кога во разговор со едно девојче тоа посакало амбасадорката да ја поведе во Турција, бидејќи гледајќи ги турските серии и филмови била фасцинирана од Турција. Кара упати апел до турските режисери да напишат приказни во оваа земја.
Режисерот Осман Синав истакна дека кога патува во балканските земји се чувствува како да се враќа во својот дом, и затоа е многу среќен што направил филмови кои го носат балканскиот дух.
Актерката Ајчин Инџи истакна дека е мошне среќна што се наоѓа во оваа земја, и дека киното има обединувачки ефект, како и од културен така и од аспект на туризам.
Инаку, Неделата на турскиот филм се одржува од 10 до 14 мај, со тоа што вечерва се одржува гала вечер во Македонскиот народен театар со почеток од 19 часот.