Ekip
21 Ноември 2017•Ажурирај: 22 Ноември 2017
МЕДЕЛИН (АА) - Графитите од различни улични уметници може да се забележат речиси во секој град во светот, но моќното влијание на уличната уметност и потенцијалот за промени се чувствуваа најсилно во „Комуна 13" во Меделин, една од најопасните населби во Колумбија, пишува Anadolu Agency (AA).
„Kомуна 13" беше постојано бојно поле на банди, нарко дилери, парамилитарни сили и владата, но денес ова место е видоизменето.
Населбата „Комуна 13" сега во никој случај не претставува совршен модел за урбанистичко планирање, но е една радикална лабораторија во која се спроведуваат непроверени експерименти кои се стремат да ја подобрат урбаната и социјалната структура.
Уличната уметност е значаен дел од оваа промена и се шири од секоја куќа, од секој покрив, од секоја врата и празен простор во оваа колоритна населба.
Темите на уличната уметност се толку различни како што се различни и карактерите на оние што ги создаваат, од длабоко политички и сериозни до забавни, сатирични и непристојни, но со подлабок поглед може да се забележи дека тие цртежи се проткаени со надеж, можност за промена и способност повторно да се сонува.
За повеќето жители на оваа населба невозможно беше да се сонува, живеејќи еден живот исполнет со страдање, терор и незамисливи тешкотии, бидејќи жителите беа заглавени во еден циклус на сиромаштија и борба меѓу бандите од кој не можеше да се излезе.
Денес, сепак, благодарение на враќањето на владеењето на правото и многуте нови проекти и иницијативи во „Комуна 13", луѓето повторно можат да почувствуваат подобар и побезбеден живот.
Уличната уметност е само еден дел од ова, пропратена е со големите отворени образовни програми, програми за безбедност, активности за млади, библиотеки, поорганизиран транспорт и поголеми економски можности.
Оптимизмот го исполнува воздухот сега во „Комуна 13", работите сѐ уште се далеку од совршени, но како што велат жителите: „Секој ден, на секаков начин, работите стануваат сѐ подобри и подобри".