Со скулптура на гулаб изработена од половина тон отпад, испратена порака за мир во светот
- Во неговото ново уметничко дело може да се видат повеќе од 50 видови отпадни предмети бидејќи во изработката на гулабот користел претежно механички делови, но и предмети кои се користат во земјоделството
Halil İbrahim Sincar
06 Мај 2026•Ажурирај: 06 Мај 2026
photo: Halil İbrahim Sincar / AA
МАРДИН
Сликарот и скулптор Нуретин Чакмак, кој живее во турскиот град Мардин, со својата најнова творба, монументален гулаб изработен од околу половина тон метален отпад, не само што го буди еколошкиот дух, туку упатува и искрен крик за мир во светот, пишува Анадолу.
Чакмак, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности „Зија Ѓокалп” при Универзитетот Диџле во Дијарбакир, во своето мало ателје под семејниот дом во Артуклу со години го претвора отпадот во уметност за да укаже на загадувањето на природата.
Уметникот, кој своите дела со љубов им ги подарува на приватни компании, музеи и институции, последната уметничка душа му ја „вдахна“ токму на овој гулаб.
Овој татко на три деца најпрво го насликал гулабот на ѕидот од своето ателје, а потоа почнала неговата изработка користејќи стари земјоделски алатки, делови од сопирачки, синџири и завртки.
Фотографија : Halil İbrahim Sincar/AA
По шест месеци макотрпна и посветена работа, тој ја завршил скулптурата долга 2,5 метри и тешка 500 килограми, и ја донирал во Музејот на отпад во рамките на „Хашимоглу Атик Ентегре“ во областа Мидјат.
- „Гулабот е симбол сплотен со Мардин“ -
Чакмак, кој моментално ги подготвува своите магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Мардин, за новинарот на Анадолу изјави дека веќе 30 години создава уметнички дела во овој град со цел да ја подигне свеста за природата.
Во последните 5 години работи интензивно во своето ателје и досега преработил метален отпад создавајќи повеќе од 30 уметнички дела меѓу кои митската Шахмеран (легендарно суштество за кое се верува дека има глава на човек и тело на змија), елен и изумрениот вид птица Кауаи, изложувајќи ги низ различни делови на Турција.
Објаснувајќи дека неговото ново дело е токму гулабот, симбол на Мардин и мирот, тој рече:
„Чувствував голема празнина што меѓу моите дела го немаше гулабот. Решив и пред шест месеци почнав да работам на ’Гулабот од Мардин‘. По половина година го создадов ова убаво дело што го гледате. Гулабот е симбол кој е сплотен со нашиот Мардин.“
Фотографија : Halil İbrahim Sincar/AA
- „Се трудам да испратам порака за помирољубив свет“ -
Посочувајќи дека користи метален отпад за да ја зголеми еколошката свест, Чакмак вели дека и средината каде што живеат животните станува сѐ помала, а сите ние мораме многу да внимаваме на тоа.
Во неговото ново уметничко дело може да се видат повеќе од 50 видови отпадни предмети бидејќи во изработката на гулабот користел претежно механички делови, но и предмети кои се користат во земјоделството.
„Мораше да биде голем за да биде забележлив. Го направив висок околу 2,5 метри и искористив над 500 килограми материјал. Внимавав деловите да бидат поголеми за да биде поцврст. За жал, нашата околина и природа се загадуваат. Се обидов да го создадам ова дело за да ја подигнам свесноста. Во многу делови од светот се водат војни. Гулабот го симболизира и мирот. Со маслиновото гранче во неговиот клун, сакав да испратам порака за светски мир. Посакуваме мирот што побрзо да завладее со светот. Сакаме поправеден и помирољубив свет“, вели Чакмак.
Со скулптура на гулаб изработена од половина тон отпад, испратена порака за мир во светот