Со техниката тетовирање на животинска кожа турска уметница ги врежува анадолските мотиви и митолошките ликови
- Пред околу седум години таа решила да го спои своето знаење за дизајнот и сликарството со техниката тетовирање, на почетокот експериментира на вештачка кожа за изработка на мебел, а подоцна и на јагнешка и говедска кожа
Halil İbrahim Sincar, Beşir Şavur
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
photo: Halil İbrahim Sincar / AA
МАРДИН
Билге Јилдиз, која живее во Истанбул, со многу љубов ја пренесува својата уметност на животинска кожа набавена од кожари, користејќи ја техниката тетовирање за да ги оживее традиционалните анадолски мотиви и митолошките ликови, пишува Анадолу.
По дипломирањето на Техничкиот универзитет во Истанбул, на Отсекот за дизајн на индустриски производи, Билге Јилдиз завршила и магистерски студии по дизајн на кожени чевли, чанти и додатоци на Модната академија во Истанбул.
Пред околу седум години таа решила да го спои своето знаење за дизајнот и сликарството со техниката тетовирање. На почетокот почнала да експериментира на вештачка кожа за изработка на мебел, а подоцна, со помош на машинка за тетовирање, внимателно и детално создавала уникатни уметнички дела на јагнешка и говедска кожа.
Фотографија : Halil İbrahim Sincar/AA
Триесет и шестгодишната Јилдиз ги споила анадолските мотиви со митолошките ликови, а делата од првата скапоцена збирка ги изложила во преубавиот амбиент на 650 години старата медреса Зинџирије во турскиот град Мардин.
- „Се трудам да го зачувам природниот облик на кожата, без премногу да ја сечам“ -
Јилдиз, која во своите дела најчесто користи мотиви на лале, калинка и разни цвеќиња, на дописникот на Анадолу му раскажа дека е родена и живее во Истанбул и дека веќе седум години со голема пасија се занимава со техниката тетовирање.
Минатата година започнала интензивно да работи на овој проект, со цел да го спои своето образование со љубовта кон уметност.
„Откако донесов одлука да ги обединам сликањето и техниката тетовирање, почнав да творам на животинска кожа. Бидејќи ова не е техника што претходно се користела, морав целосно да ги адаптирам нагодувањата на машинката за тетовирање, како и изборот на игли и бои.“
Фотографија : Halil İbrahim Sincar/AA
Таа вели дека во иднина сака да прави различни и креативни содржини и на вештачка кожа, која е многу полесна за обработка од животинската.
- „Инспирација ми беа голем број митолошки ликови“ -
Споделувајќи дека инспирација црпи од пребогатите анадолски мотиви, како и од митологијата, уметницата нагласи дека токму поради тоа има голема желба своите дела да ги изложи во Мардин, град што е дом на исклучително богата култура.
Таа со голема возбуда и гордост вели дека ја има честа својата прва самостојна изложба да ја отвори токму во оваа 650 години стара медреса, сместена под падините на тврдината во Мардин. Јилдиз откри дека во иднина планира изложбата да ја претстави и пред публиката во Истанбул, Анкара и Невшехир, а потоа да ја однесе и во Англија и Дубаи.
Нејзиниот сопруг неизмерно ја поддржува на ова уметничко патување и токму затоа одлучила својата прва изложба да ја отвори токму во неговиот роден крај.