Hanife Sevinç
20 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, изјави дека фактот и вистината дека врз Ерменците не се случил геноцид нема да го промени спротивното тврдење на некои земји дека нешто такво се случило, исто како што не беше променет и фактот дека Земјата се врти, кога цел свет го тврдеше спротивното, и не се согласуваше со Галилео Галилеј, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералот Акар им се обрати на учесниците на Комитетот за одбрана и безбедност, којашто се одржува во Истанбул, во рамките на 62. заседавање на Парламентарното собрание на НАТО.
На барање на ерменскиот пратеник Корјун Нахапетјан во врска со непокренувањето истрага за наводниот геноцид врз Ерменците за време на Првата светска војна, Акар рече дека фактот и вистината дека таков геноцид не се случил не може да го промени тоа што неколку земји ги прифатиле тие наводи.
Осврнувајќи се на критиките на Нахапетјан во врска со воените активности на Турција во соседна Сирија и Ирак, Акар рече оти обвинувањата дека Турција го загрозува територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија и Ирак претставуваат или елементарно непознавање на ситуацијата во тој регион или целосно злонамерни обиди за напаѓање на Турција.
"Турција нема никакви територијални проблеми ниту со Ирак, ниту со Сирија. Тоа што вие го имплицирате е резултат на елементарно незнаење и подли намери. Овој пратеник веднаш денес нека ги повика своите воени официјални лица и нека се распраша за состојбата во регионот. Ако некој каже и докаже дека Турција некогаш го бомбардирала Алепо, јас веднаш ќе поднесам оставка. Ова е дрскост, заговор, лага и е крајно неморално", остро одговори началникот на турскиот Генералштаб, Хулуси Акар.
Акар рече дека е продолжен процесот на јакнење на безбедноста на НАТО со цел светла иднина на воената соработка во рамките на тој Сојуз.
Коментирајќи во врска со неуспешниот обид за пуч кој во Турција го изведе терористичка организација ФЕТО, Акар рече дека случајот веќе добил правен карактер и дека со истрагата и процесот се занимаваат надлежните правосудни институции во земјата.
"Се собираат докази, а постојат силни и несоборливи докази. Веќе започна и подигнувањето на обвиненија. Судските процеси ќе се спроведат, и сите ќе имаат право да се бранат. Во согласност со демократските рамки и во рамките на надлежноста на институциите се прави сè ова искуство никогаш повторно да не се случи", рече Акар.
Истакнувајќи дека терористичката организација ФЕТО која трае 40 години и која е организиран проект, Акар рече дека обидот за државен удар во јули бил показател за колку опасен проект се работи.
Тој рече дека и пред државниот удар е укажувано на постоењето на оваа организација и нејзините поданици во јавните институции, додавајќи дека обидот за државен удар не можел да се спречи бидејќи станува збор за една голема терористичка мрежа.
"Сите процеси кои се водат се во согласност со законите и прописите. Навистина имаме голем број силни докази, снимки, документи и филмови. Ништо од тоа нема да остане скриено. Обвинителството располага со сите тие информации и искази, вклучувајќи го и исказот којшто лично го дадов во врска со 15. јули. Како и во сите демократски земји, судовите и судиите, врз основа на овие процеси и докази ќе им судат и ќе ги санкционираат одговорните", рече Акар.
Акар рече дека членките на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ ги разгледувале начините за продолжување на борбата и порача дека ниту еден долар кој ќе го издвои државата за оваа борба нема да биде залудно потрошен.
Тој истакна дека мора да се интензивира поддршката на умерената сириска опозиција, за која истакна дека во своите редови нема терористи и радикали, туку борци кои се борат да не ги изгубат своите домови и земја.
Некогаш и во Ослободителната војска на Сирија имаше такви немири, но тоа го поправивме штом почнавме да соработуваме. Ниту една граница не е стопроцентно покриена, ние со Сирија делиме граница долга 911 километри. И покрај сите мерки кои ги минимизираа илегалните преминувања, сепак бомбашите-самоубијци успеваат да ја преминат границата и да му наштетат на нашиот народ. Ние имаме право на самоодбрана", рече Акар.
Осврнувајќи се и на борбата против тероризмот во северен Ирак, Акар истакна дека официјална Анкара со години му сугерирала на Багдад да ги уништи терористите на ПКК, во што Ирак беше неуспешен.
"Најприродно е да се преземат мерки против овие терористи коишто му наштетуваат на народот и на државата. Ние мораме да го користиме правото на самоодбрана. Ќе запреме и ќе се повлечеме кога нема да постојат терористички закани. Ние мора да го браниме својот народ", рече Акар.