Besar Ademi
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - БЕСАР АДЕМИ - Универзитетскиот професор на Меѓународниот балкански универзитет, доц. д-р Бејтула Демири вели дека обидот за државен удар во Турција им овозможи на граѓаните на Република Македонија да имаат сознанија за терористичката организација ФЕТО, и дека како резултат на тоа, активностите на оваа организација во Македонија нема да бидат долговечни.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Демири вели дека секогаш кога ќе се случи државен удар во различни земји на светот, во таа земја има социјални и политички промени, и додава дека слична промена се случува и во Турција.
Тој смета дека преку внатрешните сили инсталирани во Турција и со голема поддршка од меѓународната заедница, ФЕТО успеа да предизвика големи немири во Турција. „Секогаш, неуспешните државни удари оставаат последици во земјите каде што се случуваат. Сепак, во Турција имаме ситуација кога државата или власта почнува да се стабилизира, додека успехот или позицијата на Турција во меѓународните односи е во подем“, вели Демири.
Демири потоа нагласува дека македонскиот народ и држава се тесно поврзани со турскиот народ и држава. „Обидот за државен удар во Турција им овозможи на граѓаните на Република Македонија да имаат сознанија за терористичката организација ФЕТО. Како резултат на тоа, активностите на ФЕТО во Македонија нема да бидат долговечни”.
Објаснувајќи некои аспекти во врска со тоа зошто македонската држава не презела мерки за затворање и блокирање на активностите на оваа организација во Македонија, Демири вели дека во последните две години Македонија е во длабока политичка криза, а државните институции не функционираат правилно.
Според него, реформите во општеството се многу тешки, а трансформацијата на еден систем или организација којашто била инсталирана длабоко во системот на Турција и во другите земји од Балканот и пошироко, е процес што бара време.
Демири истакнува дека Македонија е во период на формирање на нова влада, и додавa: „Новиот политички естаблишмент ќе најде методи и начини со кои ќе ја запре работата на овие организации, кои се штетни за граѓаните на Република Македонија и за македонската држава”.
Демири додава дека сега е јасно на чија страна се македонските државјани; тие свесно ги бојкотираат институциите на ФЕТО и полека оваа организација со своите институции што работат во Македонија ќе замине во историјата на оваа земја и тие веќе нема да бидат споменати.
- Стабилна Турција е од корист за Македонија -
Македонските граѓани и држава, вели Демири, се многу заинтересирани за политичката ситуација во Турција. „Стабилна, демократска и развиена Турција, и со перспектива и влијание во регионот и во светот, е од корист за македонските граѓани и за државата“, додава Демири.
Како што вели тој, уставните измени и промените во политичкиот систем во Турција се потреба на времето и на меѓународните политички околности. Тоа, според него, е потреба за поефикасна Турција и пошироко.
Демири истакнува дека светот се наоѓа во неконтролирана динамика и во многу комплексна и турбулентна ситуација, и истакна: „Земја како Турција, со голема одговорност, која претставува мост помеѓу Истокот и Западот, христијанството и исламот, и обезбедува врска помеѓу сиромашните и богатите, нормално е да има нов политички систем, нов устав кој ќе овозможи примена и имплементација на овие политики”.
Според него, за Турција да биде ефикасна, таа има потреба од една претседателска институција што ќе има овластување да се справи со ситуацијата во земјата. „Одговорноста на Турција како членка на НАТО е премногу голема, што значи дека Блискиот Исток со војната во Сирија и со кризата во Ирак постојано се менува”, смета Демири, додавајќи дека Турција има потреба од менаџмент и лидерство што ќе има овластување, позиции и механизми преку кои ќе одговори на сите предизвици и проблеми во земјата.