Yusuf Hatip
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
СТРАЗБУР (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека Договорот за мигрантската политика во Германија е во согласност со законите на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на прес-конференцијата во Стразбур, Јункер истакна дека немал можност за подетално да го анализира Договорот за мигрантите кои го постигнаа политичките партии во Германија, напоменувајќи дека сепак, може да каже дека не е спротивен на законодавството на ЕУ.
„Откако се консултирав со правниците, можам да ви кажам дека Договорот од Германија е во согласност со законите на ЕУ“, изјави Јункер.
Претседателот на Христијанско-социјалната унија (CSU), Хорст Зехофер, изјави дека со Христијанско-демократската унија (CDU) на актуелната канцеларка Ангела Меркел постигнале договор во врска со спорот за мигрантите.
„По интензивните разговори на ЦДУ и ЦСУ, постигнавме договор за тоа како можеме во иднина да ја спречиме илегалната миграција на границата меѓу Германија и Австрија“, изјави Зехофер за новинарите синоќа во Берлин, по преговорите кои траеја неколку часа.
Тој нагласи дека е задоволен со Договорот, додавајќи и дека сака да остане министер за внатрешни работи на Германија.
Германската канцеларка и министерот за внатрешни работи на оваа земја имаат различно мислење кога станува збор за решавање на проблемот со мигрантите и азилот.
Зехофер смета дека од границата треба да се вратат бегалците кои се претходно регистрирани во земјите членки на ЕУ, претходно им е одбиено барањето за азил во Германија, или немаат документи, додека Меркел сака проблемот да го реши со членките на Унијата.