Etem Geylan
10 Февруари 2018•Ажурирај: 11 Февруари 2018
ИСТАНБУЛ (AA) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, осврнувајќи се на данешното соборување на турскиот хеликоптер, порача дека терористите за тоа ќе платат многу повисока цена, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше свое обраќање на состанокот со претставниците на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), а притоа се осврна и на актуелните случувања во врска со операцијата „Маслинова гранка", која од 20 јануари на северот на Сирија ја спроведуваат Вооружените сили на Република Турција.
Порача дека безбедносните сили на Турција во рамките на границата и надвор од неа силно и храбро продолжуваат со борбата против терористите.
Ердоган рече дека до денеска е неутрализиран најмалку 1.141 терорист.
„Соборен е еден наш хеликоптер. Секако дека до тоа ќе дојде, ние сме во војна. Ќе имаме губитоци, но исто така и ќе нанесеме губитоци", рече Ердоган, и додаде:
„Вчера ги уништивме нивните складишта на ракети. Секако дека тоа нив ги излудува. Тие во многу поголема мерка ќе ја платат таа цена. Можеби ќе отиде еден наш хеликоптер, но тие за тоа ќе платат многу повеќе. Бидејќи ние сме решителни. Веруваме и посилни сме. И ќе успееме", порача Ердоган.
Додаде дека ставот на Турција не успеале, ниту ќе успеат да го нарушат ниту терористичките организации, ниту промената на политиката на одредени земји кои Турција долго време ги смета за свои сојузници.
„Ниту подмолните напади на терористичките организации, првенствено на ФЕТО и ПКК, ниту константните промени во политиките на одредени земји кои со години ги сметавме за наши сојузници, не ги нарушиле, ниту ќе ги нарушат нашите ставови", порача Ердоган.