Turgut Alp Boyraz
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Со зборовите „нашите браќа ни го загорчија месецот Рамазан“, Мухамед Сидик Ал Амади, личен снимател на семејството Ал Тани во Катар, реагираше на блокадата што некои арапски земји, предводени од Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати, ја спроведуваат врз Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
Ал Амади (64), кој речиси 30 години е снимател на семејството Ал Тани, со дописникот на АА ги сподели чувствата и мислите за кризата што настана меѓу Катар и заливските земји.
Ал Амади рече дека кризата не е добра за ниедна од страните. „Многу е тажно што една ваква криза се случува во месецот Рамазан. Познато е дека месецот Рамазан трае само 30 дена и луѓето во овој месец ги тргаат настрана сите проблеми и им се посветуваат на верските обврски што треба да ги исполнат. Но за жал, сега секој е зафатен размислувајќи за настанатиот проблем. Ова е навистина многу лошо нешто. Нашите браќа ни го загорчија месецот Рамазан“, вели Ал Амади.
- „Ова не им го направија дури ни на Израелците“ -
Ал Амади остро реагираше на одлуката на Саудиска Арабија, ОАЕ и на Бахреин, со којашто државјаните на Катар мораат за време од 14 дена да ги напуштат овие земји. Ал Амади рече дека ваквата одлука ќе ги подели семејствата. „Ова не им го направија дури ни на Израелците. Тоа ни го прават нам, на муслиманите. Не можам да поверувам во тоа“, рече Ал Амади.
„Моите чичко и сестра се наоѓаат во Саудиска Арабија. Веќе не ќе можам да ги видам. Што можам да направам? Доколку во моментов заминете за Саудиска Арабија, ќе ви кажат: 'Не ги сакаме парите од Катар'. На оние што од Катар заминаа на умра во Мека, им велат: 'Не може да влезете во оваа џамија'. Што значи тоа сега? Мека не е само на Саудијците, таа е на сите муслимани. Не можете да зборувате така, бидејќи тоа се ваши браќа. Зарем сѐ заборавивте за два дена?“ додава Ал Амади.
Тој вели дека е многу повреден од настанатата ситуација: „Никогаш нема да го заборавиме ова. Немаше да бидеме премногу загрижени доколку тоа го направеше некој непознат. Но кога тоа го прави мојот брат, како можам да заборавам?”
- „Не сакаат да бидеме единствени“ -
Ал Амади изјави дека САД и Европа не сакаат единство меѓу земјите од Советот за заливска соработка (GCC).
„Додека учев во второ одделение, прочитав една приказна. Еден старец Арапин, пред смртта околу себе ги собрал своите седум сина и во рацете им дал по еден стап. Потоа им рекол секој одделно да го скрши стапот што го држел во рака. Се разбира дека сите го сториле тоа. Потоа ги соединил седумте стапа и од своите синови побарал да се обидат да ги скршат. Овојпат тоа никому не му пошло од рака. Она што ни се случува е истото како во приказната. Западните земји не сакаат да бидеме обединети. Потребно е ние, наместо од САД, да бараме помош од Господ, бидејќи единственото што тие ќе го направат е да му помогнат на Израел. Во никој случај нема да ни помогнат нам“, истакнува Ал Амади.
„Цела Европа ја шетам со една виза, зарем сега ќе бидам принуден да ја менувам патната исправа за да заминам во братските земји?“, прашува камерманот на семејството Ал Тани.
Ал Амади посака во наредните недела-две, земјите од Заливот да седнат на заедничка маса и да го решат настанатиот проблем. Својот разговор со новинарот на АА го заврши со зборовите:
„Не треба да очекуваат од нас на улица да го фрлиме нашето чедо. На пример, Јусуф ел-Карадави живее тука. Како на овој старец да му кажеме оди си од тука? И во ОАЕ живеат луѓе кои не ги сакаме. На врвот од листата се наоѓа Мухамед Дахлан, кој соработува со Израел и има убиено голем број Палестинци“.