Andaç Hongur
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Истанбул изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) донеле погрешна одлука кога станува збор за преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), и порача дека Турција никогаш нема да се откаже од пружање поддршка на Палестина, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот Стејт департмент потврди дека зградата на амбасадата во Ерусалим ќе биде свечено отворена на 14 мај, а на тоа реагираше и турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу.
„Оваа одлука на САД е погрешна. Мораме да покажеме заеднички став против оваа одлука“, нагласи шефот на турската дипломатија.
Тој истакна дека е потребно отворено да се каже дека во последно време во исламскиот свет, особено во Арапската лига, за ова прашање постојат одредени дилеми, па дури и чекори назад.
„Гледаме дека одредени земји, притеснувајќи се поради САД, прават чекор назад кога станува збор за поддршка на палестинското прашање. Тоа е едно погрешно размислување и една голема грешка. Историјата и светот тоа нема да го простат“, изјави Чавушоглу, и додаде:
„И кога никој нема да сака да ја штити Палестина, и кога сите ќе замолчат за прашањето на Ерусалим (Кудс), Турција нема да молчи, туку ќе продолжи да го брани случајот со Палестина.“
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа на 6 декември 2017 година изјави дека го признава Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, и најави преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.