Ekipa
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, во заедничкото соопштение објавено денес, ден по референдумот, истакнаа дека огромно мнозинство на граѓани кои го остварија своето право на глас, гласаа „за“ Преспанскиот договор и за нивниот европски пат, и дека следните чекори се на Парламeнтот на државата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На 30 септември, граѓаните на Поранешната Југословенска Република Македонија имаа можност да гласаат за иднината на нивната земја. На мирно и демократско гласање, огромно мнозинство од оние што го остварија своето право на глас рекоа „да“ на Преспанскиот договор за името и за нивниот европски пат“.
Во нивното заедничко соопштение додаваат дека следните чекори за спроведување на Договорот ги очекуваат од Парламентот.
„Парламентот сега ќе биде повикан да ги продолжи следните чекори за имплементација на Договорот за името со одлучување за усвојување на уставните измени“.
Нагласувајќи дека тоа претставува историска можност не само за помирување во регионот, туку и за одлучно придвижување на земјата напред на патот кон Европската Унија тие порачаа: „Сега преостанува на сите политички и институционални актери да дејствуваат во рамките на своите уставни надлежности, надвор од партиските политички линии“.
На крајот истакнуваат дека Европската Унија (ЕУ) ќе продолжи целосно да ја поддржува и да ја придружува земјата, нејзините институции и сите нејзини граѓани.