Besar Ademi
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - На средбата меѓу министрите за одбрана на Република Македонија и на Словенија, Зоран Јолевски и Андреја Катиќ, која се наоѓа во работна посета на Република Македонија, беше констатирано дека овие две земји имаат плодна и силна соработка и одлични билатерални односи во сите области, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција, министерот Јолевски истакна дека Словенија секогаш ја поддржувала евро-атлантската интеграција на Македонија, додека изборот на Словенецот Горазд Бартол за претседател на новата канцеларија на НАТО во Скопје – откако Словенија ја презеде највисоката позиција во најголемата воено-политичка организација во светот – е доказ дека Словенија ќе ја поддржува Македонија и во иднина, рече Јолевски.
„На средбата ги разменивме нашите мислења околу безбедносната ситуација во регионот и пошироко, вклучувајќи ја и мигрантската криза. Сите земји во регионот внимателно ги следиме настаните со кризата на мигрантите, па ја изразивме нашата посветеност да размениме мислења и да соработуваме во справување со овие закани во согласност со заклучоците на Европската комисија во октомври минатата година“, рече Јолевски.
Во меѓувреме, министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катиќ, поздравувајќи го кажаното од нејзиниот македонски колега, рече дека Словенија нема да запре со поддршката на евроатлантските интеграции и на членството на Македонија во НАТО.
„Прво сакам да се заблагодарам на Македонија во однос на тоа што го стори со бегалската криза. Словенечките и македонските институции имаат одлична соработка во оваа област“, рече министерката Катиќ.
Катиќ беше пречекана во просториите на Министерството за одбрана на Република Македонија, со специјална церемонија, по што оствари тет-а-тет состанок со министерот Јолевски. Денес попладне, Катиќ ќе биде примена и од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.