Halil Şahin
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ИЗМИР (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција ги гледа соработката и дијалогот како камен-темелници на односите со соседна Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како што рече и грчкиот министер Никос Коѕијас, имаме теми за кои не се согласуваме. Некогаш дури преживуваме и бурни денови и се среќаваме со тешки ситуации. Меѓутоа, двете страни за камен-темелници на нашите односи ги сметаат соработката и дијалогот, и тоа е причина на крајот да преовлада здравиот разум“, порача Чавушоглу.
Чавушоглу и неговиот грчки колега Коѕијас свечено ја отворија реновираната зграда на Генералниот конзулат на Грција во Измир.
Истакнувајќи дека Турција и Грција претставуваат две големи цивилизации, турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, во обраќањето кон присутните изјави дека териториите и историите на двете земји буквално се испреплетени.
„Заедно ги наследуваме трагите и богатствата на двете цивилизации. И Никос често вели дека Господ нѐ создал како соседи. Имаме многу заеднички наследства. Еве, доаѓајќи тука, погледнав некои податоци и видов дека нашите јазици имаат заеднички 5.000 збора. Сето тоа ги зближува нашите народи“, изјави Чавушоглу.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон крајот на минатата година ја посети Грција, што беше прва таква посета во претходните 65 години.
Чавушоглу изјави дека таа посета на Ердоган била нов пресврт во билатералните односи и дека формирал Совет за стратешка соработка.
Тој денес во Измир, исто така најави дека наредниот состанок со Коѕијас ќе го одржи во Солун, и додаде дека станува збор за два братски града кои додатно ќе бидат зближени со низа конкретни проекти.
„Отворањето на траектната линија Измир - Солун малку доцни и потребно е тоа итно да се реши. Заедно ќе работиме на тоа, а имаме и проект за железничка линија Истанбул - Солун“, изјави Чавушоглу.
Коментирајќи дека не е тајна дека меѓу Турција и Грција постојат низа несогласувања, Чавушоглу изјави дека Грција секогаш се држела подалеку, па дури и ги критикувала двојните стандарди кои Брисел ги наметнува на Анкара на патот кон членството на Турција во ЕУ.
„Никос, пријателе, тука во Измир и Турција има место само за луѓе кои ѝ посакуваат добро на Грција. Тука нема место за терористи, пучисти и предавници кои сакаат да ѝ нанесат штета на Грција. Нема да им дозволиме“, му порача Чавушоглу на колегата од Атина.
За време на церемонијата на отворањето на обновената зграда на Генералниот конзулат на Грција во Измир, се слушна и звук на авионот „Solo Turk“, кој врши пробни летови за парада која наскоро ќе биде одржана по повод Денот на ослободувањето на Измир.
Грчкиот министер во оваа пригода погледна кон колегата Чавушоглу и со прстот гестикулираше во воздух, на што Чавушоглу со насмевка рече дека нема причина за загриженост.