Besar Ademi
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
ТЕТОВО (АА) - Лидерот на Движењето за реформи на Демократската партија на Албанците, а воедно и предводник на коалицијата „Алијанса за Албанците“, Зијадин Села, во своето обраќање пред јавноста, за прв пат по настаните на 27 април, истакна дека „тие биле убиени на 27 април, но повторно воскреснале на тој датум“. Села нагласи дека коалицијата што тој ја предводи ќе продолжи посилно да ги изразува потребите на Албанците во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Села, настаните на 27 април во Собранието на Македонија ги опиша како „атентат врз потребите на Албанците во Македонија и атентат врз политичкиот израз на овие потреби кои тие како Движење за реформи на ДПА ги направиле во текот на овој период“.
Села се осврна и на преговорите по добивањето на мандатот за формирање на новата Влада на Македонија, од страна на лидерот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ). Тој нагласи дека коалицијата Алијанса за Албанците секој пат била за ново владеење, формирано и во служба на граѓаните.
„Ние сме за едно ново владеење и новото владеење ќе ја има нашата поддршка. Не е важно дали ќе бидеме физички присутни во делот на владата или не, бидејќи за ова треба да донесат одлука партиските органи. Меѓутоа, ние владата на реформите ќе ја поддржиме така како што ќе ги поддржиме, и ќе бидеме главен катализатор на реализирањето на интересите на Албанците во ова ново владеење“, вели Села.
Во врска со прашањето дали ќе побара политичка одговорност за нападот извршен врз него на 27 април, Села рече дека првин ќе побара да се разјаснат, како што истакна тој, „монтираните случаи против Албанците“.
„Пред да побарам политичка одговорност за 27 април и индивидуална одговорност во аспект на нечие право, јас ќе побарам да се ослободат и во најскоро време да се разјасни политички монтираниот процес на Монструм, убиството на Харун Алиу и голем број други политички монтирани процеси“, истакна Села, и додаде дека нема да се откаже од декларацијата на албанските партии во Македонија.
Инаку, Зијадин Села е пратеник кој најмногу настрада од нападот на насилните демонстранти кои влегоа во Собранието за да го спречат избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието. Тој околу две недели престојуваше во болница во Тетово, а потоа патуваше во странство за да направи дополнителни прегледи во врска со неговата здравствена состојба.
Потсетуваме, вечерта на 27 април, по избирањето на Талат Џафери за собраниски претседател, во една хаотична состојба, демонстрантите на иницијативата „За Заедничка Македонија“, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа собрани пред зградата на Собранието, влегоа внатре во зградата. Како резултат на насилството на демонстрантите, чија цел беа пратениците, повредени се 100 лица, меѓу кои пратеници, полициски службеници и претставници на медиумите.