Dejan Maksimoviç
24 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
САРАЕВО (АА) - Бујар Нишани, претседателот на Република Албанија, допатува денес во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Албанскиот претседател пред зградата на претседателството на БиХ во Сараево е дочекан со највисоки државни почести од страна на Драган Човиќ, Младен Иваниќ и Бакир Изетбеговиќ, членови на Претседателството, јавува Anadolu Agency (AA).
По свечениот дочек, следи средба со членовите на Претседателството на БиХ, а потоа и заеднички состанок на делегациите на БиХ и Албанија.
Потоа на конференција за новинарите ќе се обрати претседавачот со Претседателството, Човиќ како и албанскиот претседател Нишани.
Албанскиот претседател во текот на денот ќе се сретне со членовите на колегиумот на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ. Во попладневните часови Нишани ќе биде домаќин на приемот, во хотелот Европа, за Албанците коишто живеат во БиХ и пријателите на Албанија од БиХ.
Во интервјуто, кое Бујар Нишани го даде за Anadolu Agency, минатата година, ја нагласи важноста од развивањето на соработката на сите земји од Западен Балкан за иднината на тој простор, потенцирајќи го значењето на Берлинскиот процес кој е покренат на иницијатива на Германија, и во тие рамки, ја потенцираше и работата на економските проекти значајни за регионот.
Во врска со тоа Нишани рече дека „не можеме да го промениме (местото) каде што се наоѓаме, местото каде што се раѓаме, каде што ги подигаме нашите деца, не можеме да ги промениме местото за идните генерации. На овие простори сме, ќе останеме тука, така што, доколку губевме во минатото, тоа не е изговор да мислиме со ист менталитет и во иднина”.