Ivana Ramadanova
01 Април 2016•Ажурирај: 02 Април 2016
СКОПЈЕ - По повод Денот на шегата 1 Април, на плоштадот "Македонија" се одржа традиционалната манифестација "Априлијада – Скопје се смее", јавува Anadolu Agency (AA).
На манифестацијата која ја организираше Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје, учествуваа деца од повеќе градинки и основни училишта. На сцената настапи и фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“, „Златно славејче“ и танцови групи од основните училишта.

Годинашната „Априлијада“ ја отвори градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој на присутните им порача да бидат насмеани што почесто.
"Би сакал да ги поздравам најмалите и најмладите кои што денеска се собрани овде на плоштадот Македонија. Под мотото Скопје се смее, секоја година го одбележуваме 1 април, денот на шегата и на овој начин Скопје се приклучува кон сите европски градови коишто го прославуваат овој ден. На 1-ви април, дозволено е да проработи имагинацијата и креативноста и сите ние да и се препуштиме на музиката, забавата и смеата, што ќе трае се до доцните вечерни часови", истакна градоначалникот Трајановски.
Првопарилската програма продолжува и вечерта, кога од 21 часот на плоштадот ќе има ноќна забава и маскенбал, со настап на музичари, како Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Сашо Гигов-Гиш, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу, Биљана Дабеска, групата „The Noise Makers“, етнобендот Пиреја, а на крајот посетителите ќе ги забавува диџеј.