ЛОНДОН (АА) - Со околу 60 дена пред Брегзит и над 2,5 години по одржувањето на референдумот на кој Британците гласаа за напуштање на Европската Унија (ЕУ), многумина во Велика Британија сѐ уште се поделени околу иднината на ова сложено прашање.
Anadolu Agency (АА) разговараше со Британците на денот на обраќањето на премиерката Тереза Меј за владиниот план Б во врска со Брегзит.
- Поддржувачи на напуштањето на ЕУ -
Пенелопе, која организираше мал протест пред „Даунинг стрит“, смета дека Британците веќе го кажале своето мислење и дека земјата веднаш треба да ја напушти ЕУ.
Таа рече дека Британците гласале за независност во 2016 година, но дека две и пол години подоцна, Владата се обидува да го добие Брегзит само привидно.
„Британците, и покрај тоа, ја сакаат Европа, но тие не сакаат да бидат раководени од Брисел“, рече таа.
„Отфлениот договор... беше договор без крај“, истакна Пенелопе, мислејќи на минатонеделниот тежок пораз за Меј за Договорот што таа го постигна со ЕУ.
Пенелопе вели дека според Договорот што беше отфрлен, Велика Британија би останала во ЕУ на неодредено, но „тоа не е она за што гласавме ние“.
Томас, уште еден Британец, гласал, исто така за напуштање на ЕУ од страна на Велика Британија.
„Брегзит е Брегзит“, рече Томас за АА пред Вестминистер, држејќи го националното знаме на Обединетото Кралство.
„Пред две и пол години гласавме за напуштање на ЕУ“, рече тој, отфрлајќи ја идејата за втор референдум.
„Втор референдум би значело дека победиле заговарачите за останување во ЕУ, а тоа би било крај на демократијата“, рече Томас, додавајќи „Имавме гласање... едноставно. Ние гласавме за напуштање.“
Стоејќи покрај својата тезга со овошје на улицата „Викторија“, Теренс истакна дека Велика Британија треба што поскоро да го заврши процесот за Брегзит.
Теренс увезува овошје од Шпанија, но сака Велика Бритаија да се раздели од 28-члениот блок, иако знае дека ќе бидат наметнати тарифи.
„Ние треба само да излеземе и да продолжиме понатаму“, додаде тој.
- Поддржувачите на останувањето на Велика Британија во ЕУ -
Anadolu Agency наиде на тврдокорни поддржувачи за идејата за второ гласање за Брегзит.
Британецот Стив бара нов референдум за Брегзит.
„Навистина ни треба народот да гласа“, рече тој.
„Сега народот ја виде оваа бркотница и како тоа се одвива, народот е измамен. Сакаме уште еднаш да го искажеме нашиот став и сакаме да останеме во ЕУ“, рече тој. „Брегзит мора да биде запрен.“
Британката Џејн смета дека пратениците во Долниот дом на Парламентот треба да поднесат сериозни амандмани, за да им дадат право да се изјаснат и дека останувањето во Велика Британија е разумно во општествена и економска смисла.
Сајмон, кој стоеше пред британскиот Парламент со огромно знаме на ЕУ, смета дека е тешко постигнатиот договор со ЕУ да добие зелено светло од Парламентот.
Тој е загрижен поради опцијата излегување од ЕУ без договор.
„Доколку има пат кон постепен Брегзит, можеби би бил малку посреќен“, истакна тој, додавајќи дека вториот референдум им дава на граѓаните втора шанса за тоа што Брегзит навистина значи.
- Безизлезна ситуација -
Ќор-сокакот во кој влезе Брегзит продолжува откако Меј не успеа да понуди одредени конкретни промени во нејзиниот договор, кој беше отфрлен минатата недела од огромно мнозинство пратеници.
Меј рече дека ги ислушува парламентарните групи и лидерите на опозициските партии и дека ќе разговара за нови опции со официјалните претставници на ЕУ за ставање крај на безизлезната ситуација за Брегзит.
Сепак, таа го отфрли проширувањето на членот 50, членството во царинска унија или повторно гласање на граѓаните.
Препознавајќи ја загриженоста за Брегзит без договор од сите страни во Парламентот, Меј рече дека отфрлањето на опцијата Брегзит без договор би било можно само со повлекување на член 50, но тоа би било против резултатот од референдумот одржан во 2016 година.
Меј, исто така, ја отфрли можноста за втор референдум за Брегзит, велејќи дека тоа ќе ја поткопа општествената кохезија и британската демократија.
„Не верувам дека има мнозинство за втор референдум“, рече таа.
Нејзиниот договор беше отфрлен од страна на пратениците во Парламентот со 432 наспроти 202 гласа минатата недела, откако многу пратеници, меѓу кои и 118 конзервативци, го изразија своето противење за клаузулата за границата - политика со која сака да се осигура избегнувањето за поставување строга, вообичаена граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска по Брегзит додека се најде решение за полесен облик на разграничување.
Велика Британија треба да ја напушти Европската Унија на 29 март оваа година.