Ekipa
03 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка, Тереза Меј, денес на одбележувањето на првата годишнина од нападот на Лондонскиот мост изјави дека одлуката на нејзината земја да остане одлучна во борбата против тероризмот е посилна од кога било, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во смртоносниот напад загинаа осум лица, а речиси 50 се ранети. Напаѓачите со комбе газеа пешаци на Лондонскиот мост, а потоа го напуштија возилото и со ножеви ги нападнаа луѓето кај пазарот Бороу, каде што полицијата ги уби сите тројца напаѓачи.
Полицијата нападот го окарактеризира како терористички, а приведени беа 12 осомничени лица кои подоцна се пуштени.
Нападот се случи две недели по бомбашкиот напад на концертот во Арената во Манчестер кога беа убиени 22 лица.
Преживеаните и политичарите ќе присуствуваат на мисата која ќе се одржи денес во катедралата Саутварк, во близина на мостот во Лондон. Нацијата ќе одржи едноминутно молчење во 16:30 часот по локално време.
Многумина се благодарни за храброста на првите лица кои се спротивставија на напаѓачите, вклучувајќи го и Игнасио Ечеверија, Шпанецот кој се бореше со напаѓачите со својот скејтборд и беше убиен.