Hakan Ceyhan Aydoğan
13 Ноември 2015•Ажурирај: 16 Ноември 2015
МОСКВА (АА) – Рускиот претседател, Владимир Путин, во интервју за Anadolu Agency (AA) кажа дека проектот „Турски тек“ е од заеднички интерес за Русија и Турција и дека „нема потреба да се драматизира“ кога станува збор за ситуацијата во Украина.
Во врска со проектот „Турски тек“ кажа дека тој проект е во склад со интересите на Русија и Турција, но и дека не е возможно одеднаш да се развие толку голем проект.
„Најважно е дека овој проект е во склад со интересите на Русија и Турција. Го делам мислењето со својот колега, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, наведе Путин во интервју по пишан пат за АА и Interfax по повод самитот Г20 кој ќе биде одржан во Анталија.
Путин говореше и за санкциите на Западот, за руските воздушни напади во Сирија и по прашањето за Украина.
На прашањето дали Русија ги предвиде негативните и остри реакции на воздушните интервенции во Сирија, Путин истакна дека Русија претходно ги известила САД и НАТО за воените операции.
Како што рече Путин, тие се надевале „дека ќе се оствари блиска координација на високо воено ниво со меѓународната коалиција против Даеш.Меѓутоа американските и западните партнери кон тоа пристапија со сомнеж“.
„Ние во тек на изведување на операциите сме подготвени на уважување на сите потврдени информации за положбата на терористичките групи. Имаме искуство дури и со соработка со Слободната сириска војска (FSA).
Руските воздушни сили погодија неколку мети кои ги обележа FSA. Не гаѓавме цели кои FSA ги означила како свои што ја исклучува можноста од бомбардирање на умерената опозиција и цивили“, наведе Путин.
Рускиот претседател додаде дека воените операции во Сирија се претходно испланирани до најситни детали. Покрај тоа, детално се испланирани и сите ресурси потребни за изведување на операциите.
Во врска со ситуацијата во Украина, Путин кажа дека „нема потреба од драматизирање“ околу состојбата на истокот на таа земја бидејќи се почитува договорот од Минск, но дека ризик од негативен развој на настаните секогаш постои.