Besar Ademi
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - На завршната конференција од двегодишниот проект за „Спречување на ХИВ-от и употребата на дрогата на граѓаните во граничните зони“, проект за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Косово, поддржан од Европската Унија (ЕУ), невладината организација ХОПС (Опции за здрав живот – Скопје) утврди дека во Косово повеќе се проширени наркотиците, додека Македонија повеќе се соочува со ХИВ-вирусот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Целта на проектот е едукација на идните експерти и студенти во областа на социјалната работа, медицината, полицијата, безбедноста, како и на професионалниот кадар што е поврзан директно со корисниците или со потенцијалните лица.
Во Македонија, инфекција од ХИВ-вирусот за првпат беше утврдена во 1987 година, додека две години подоцна е регистрирано првото лице заразено со ХИВ. До крајот на 2013 година, вкупниот број на заразени лица од ХИВ изнесува 197.
Според истражувањата на организацијата ХОПС, повеќето од нив се регистрирани во Скопје (88 лица), Тетово (22), Куманово (10), Прилеп (9) и во Охрид (9). Според етничката припадност на лицата заразени со ХИВ/СИДА во Македонија, доминираат Македонците (54,2%), Албанците (29,7%) додека другите етнички групи се застапени со 16 проценти.
Извршниот директор на организацијата, Христијан Јанкулоски истакна дека сите институции, вклучувајќи го и цивилниот сектор, треба да бидат свесни дека продолжувањето на ваквите проекти е од големо значење, поради тоа што, како што рече тој, ХИВ-вирусот не е само здравствено прашање, туку причинители се и многу други прашања, како што се различните социјални детерминанти.
„Финансиските средства никогаш не се доволно за овие прашања, меѓутоа не секогаш ни требаат и голем број финансиски средства. Доволна е посветеноста на сите институции во својот делокруг на работа да го дадат својот придонес за превенција, третман, грижа и поддршка за лицата што живеат со ХИВ“, истакна Јанкуловски.
Според Јанкулоски, треба да се работи во насока да се поддржуваат превентивните активности, да не се прави стигматизација и да не се маргинализираат групите на граѓани инфицирани со овој вирус.
Сафет Блакај, директорот на психијатрискиот специјалистички центар „Лавиринт“ (Labyrinth) – Приштина, истакна дека во Косово, наркотиците се поприсутни отколку во Македонија, каде што е поприсутен ХИВ-вирусот. Тој соопшти дека соработката со организацијата ХОПС трае веќе 7 години, соработка преку којашто според него, со размена на искуствата се придонесува за превенцијата од ХИВ-вирусот и наркотиците.
„Не само нивното присуство на оваа конференција, туку и во сите други активности ни дава до знаење дека ние треба да ја прошириме соработката. Нормално, ХИВ-от и наркотиците немаат врска со границата, расата или јазикот, тие се прошируваат на секој можен начин. Затоа соработката со соседите е подобар начин за превенција од ХИВ-вирусот и наркотиците“, изјави Блакај.
Од откривањето на сидата во 1981 година и откривањето на ХИВ-вирусот како причинител на СИДА во 1983 година, 60 милиони луѓе во светот се инфицирани од ХИВ-вирусот и 25 милиони починале од СИДА. Иако од 2000-та година, процентот на луѓе што живеат во ХИВ-вирусот покажува еден стабилизирачки тренд, вкупниот број на заразени лица од ХИВ-вирусот покажува зголемување. Според извештаите на УНАИДС, 35,5 милиони луѓе живеат со ХИВ-вирусот.