Cuneyt Davut
09 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во селото Студеничани, во близина на Скопје, се одржаа натпревари во пеливанство на кои, покрај натпреварувачи од земјите во регионот, учествуваа и пеливани од Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, невладиното Здруженија за образование, култура, спорт и екологија „Акси“ го организираше натпреварот на пеливани под називот „Традицијата продолжува“, за кој имаше голем интерес.
Претставникот на „Акси“ Афр Јашари, за дописникот на Anadolu Agency изјави дека оваа година во селото Студеничани 6. пат по ред се одржа турнир во пеливанство, на кој покрај пеливаните од Македонија, Грција, Албанија, Бугарија и Косово, учествуваа и пеливани од Турција, кои ќе се натпреваруваат во 5 категории.
Јашари истакнувајќи дека ова натпреварување има и културолошки карактер, рече: „Она што овој натпревар го прави посебен е тоа што го организираме да биде дел од културното наследство на Македонија. Оваа традиција во селото Студеничани се одржува речиси 5 века“.
Кадир Алтинбаш и Мерт Алтин, натпреварувачи-пеливани од Турција, го изразија своето задоволство од учеството на овој натпревар и од негувањето на традицијата на овој спорт во Македонија.
Пеливанот од Турција, Алтинбаш, кажа дека веќе 26 години се занимава со пеливанство и дека со задоволство ја примил поканата за учество на овој натпревар.
„Тука се обидуваат да го одржат пеливанството како спорт и ние го даваме нашиот допринос за тоа. Ова е мое трето учество тука и можам да кажам дека натпреварите тука се одржуваат како еден вид фестивал на спортот, кои го следи многубројна задоволна публика“, рече Алтинбаш.
Пеливанот Алтин изјави дека за првпат учесетвува на овој натпревар и дека е задоволен од интересот кој се покажува кон пеливанството.
„Не очекував дека ќе има толку голем интерес и навистина сум зачуден. Средината е одлична, сè е многу добро организирано. Се надевам дека оттука ќе заминам како шампион“, рече Алтин.
Во својата прва средба, Алтинбаш го совлада противникот од Албанија, додека Алтин беше подобар од претставникот на Македонија.
Во рамките на организацијата, покрај натпреварите во пеливанство, публиката имаше можност да следи фолклорни игри и танци, а беа промовирани и јадења од традиционалната кујна.