Admir Fazlagikj
20 Јануари 2016•Ажурирај: 21 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Група од околу 350 бегалци чека во кампот во Гевгелија, додека друга група е „заглавена“ на грчка територија, откако привремено беше сопрен протокот на македонско-грчката граница, кај котата 59, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова го потврдија од МВР за АА, наведуваќи дека причина за рестриктивниот влез во земјава се насоките добиени од европските земји да бидат попуштани само бегалците кои во своите документи за регистрација ја имаат наведено и земјата во која патуваат, а ваквата одлука ја донеле вчера.
Сите оние бегалци кои што немаат наведено која е нивната крајна дестинација на нивното патување при регистрацијата во Грција, ќе бидат привремено задржани во кампот во Гевгелија. Ваквата мерка е задолжителна и се презема со цел да се спречат злоупотреби во текот на нивниот пат кон европските земји.
Застој во протокот на бегалци, како што информираат од МВР, се случил и поради барањето добиено од Словенија привремено да не се пропуштаат мигрантите. Причината е дефект на железничката линија, поради што е побарано привремено да се намали напливот на бегалци кон ЕУ.
Во текот на последните 24 часа издадени се потврди на вкупно 2.300 странски државјани, од кои 953 се од машки пол, 495 се од женски и 852 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-1.441, Авганистан–495 и Ирак-364.