Besar Ademi
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот без ресор на Владата на Република Македонија задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, кој во просториите на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја претстави стратегијата за транспарентност на Владата, изјави дека не може да се постигне транспарентност ако системот на институциите не функционира, и луѓето внатре не даваат информации, јавува Anadolu Agency (АА).
Министерот Поповски, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, и истражувачката новинарка Сашка Цветковска, говореа за „Предизвиците на Владата и институциите за зголемување на транспарентноста пред медиумите и граѓаните“. Тие ја истакнаа важноста на ваквите дебати како вистинска насока кон менување на политичкото однесување во општеството, кое, според нив, било и продолжува да биде предизвик во земјата.
Повикувајќи се на неколку прашања во однос на транспарентноста на Владата, Поповски истакна дека пред неколку дена, за првпат во политичката историја на Р. Македонија, Владата ги објави трошоците на премиерот, заменик-министрите, државните секретари во периодот од 1 јуни до 1 декември минатата година.
Ова е најновото средство за отчетност за трошоците на вработените во Владата, која ќе треба да достави информации за извршените официјални трошоци
„Администрацијата во Р. Македонија е пред темелни реформи, тоа е во надлежност на Министерството за информатичко општество. Бројката овие денови ќе биде прецизно соопштена, но квалитетот на администрацијата е едно од суштинските прашања коешто ќе остане отворено, и на кое треба да се посвети големо внимание. Ова го спомнувам бидејќи не можеме да ја постигнеме транспарентноста ако системот на институциите не функционира и ако луѓето што се внатре едноставно не знаат или не сакаат да дадат информации“, изјави Поповски.
Министерот ја нагласи важноста на редовната прес-конференција на портпаролот на Владата, која се одржува секоја среда, емитувана во живо, еден ден по редовната владина седница која се одржува во вторник.
Тој, исто така, истакна дека во споредба со претходната влада, трошоците на владините службеници се намалени за помалку од половина, иако, како што рече, меѓународната агенда на актуелните функционери се зголеми трипати во споредба со претходната влада.
Во меѓувреме, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, истакна дека има одредено подобрување на транспарентноста на Владата, но додаде дека треба да се направи уште многу за институциите да станат целосно транспарентни и одговорни во нивната работа.
„Сакам да го информирам министерот, а и вас, дека нема никакво подобрување во односот на функционерите на владината ДУИ кон критичките медиуми на албански јазик од последната дебата што ја имавме во Владата. Тие продолжуваат да ги игнорираат и да ги сатанизираат во очите на јавноста како предавнички, па дури ги етикетираат и како соработници на разни разузнавачки служби критичките медиуми на албански јазик“, рече Селмани.
Селмани истакна дека понекогаш се случува неговите колеги новинари да не можат да ги добијат информациите што им се потребни во различните институции или општини предводени од ДУИ.
Од друга страна, истражувачката новинарка Сашка Цветковска, рече дека новата влада драстично го има сменето односот кон медиумите, но додаде дека има уште очекувања за подобрување, и проблеми кои останале од минатото.