САРАЕВО (АА) - Политичките лидери во Србија би требало официјално да признаат дека масакрот извршен во Сребреница во јули 1995 година претставува геноцид, стои во препораката на извештајот на Европската комисија притив расизам и нетолеранција (ЕКРИ) за Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извешајот што денес го објави Европската комисија против расизам и нетолеранција, кој е усвоен на 22. март, се наведува дека е неопходно да се признае таквата компонента за да се спречи повторна појава на меѓуетнички говор на омраза и насилство.
ЕКРИ исто така смета дека српските власти би требало да спроведат појасна и построга политика во врска со процесуирањето на воените злосторства на расна основа и во судството да ги обезбедат потребните човечки и други ресурси за унапредување и ефикасно извршување на постапките при кривичното гонење и изрекувањето казни на воените злосторници.
Со констатација дека Србија се извини за злосторствата во Сребреница (Декларација за осуда на злосторствата во Сребреница што се повикува на пресудите на Меѓународниот суд на правдата, а е усвоена во Собранието на Србија во 2010 година) и извинувањето на претседателот на Србија (2013 година), ЕКРИ „жали поради фактот што ниту еднаш во двете извинувања не е јасно признаено дека тие масакри претставуваат геноцид, како што тоа го утврдиле меѓународните судови”.
„ЕКРИ им препорачува на српските власти функционално да ја спроведат Националната стратегија за процесирање на воените злосторства и јавно да признаат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид”, се наведува во извештајот.
Во извештајот исто така се вели и дека ЕКРИ длабоко жали поради бавното напредување во процесирањето и казнувањето на геноцидот и на другите расистички воени злосторства извршени за време на неодамнешните војни.
ЕКРИ препорачува дека е потребно во Србија да се искоренат расизмот и говорот на омраза меѓу фудбалерските навивачи, а дека истовремено е потребно да се сврти вниманието и во насока на насилството против ромската и ЛГБТ популацијата.
Во тој контекст, ЕКРИ препорачува Собранието и Владата на Србија да усвојат кодекс на однесување којшто ќе забранува употреба на говор на омраза, ќе предвидува суспензија на мандати и други санкции при кршење на овие одредби и воспоставување на функционални канали за нивно извршување.
Европската комисија против расизам и нетолеранција исто така им препорачува на властите во Белград да му дадат приоритет на вработувањето сразмерен број на Роми и членови на останатите малцинства во државната служба и да им се обезбедат еднакви стабилни услови за работа како и на останатите државни службеници.
За период од најмногу две години од објавуваањето на овој извештај, ЕКРИ ќе спроведе процес на следење на активностите во престојниот период во врска со дадените препораки.
Европската комисија против расизам и нетолеранција, која е основана од страна на Советот на Европа, претставува независно тело за следење на состојбата на човековите права, специјализирано за проблемите поврзани со расизам и нетолеранција.
news_share_descriptionsubscription_contact
