ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Конгресниот центар Халич зборуваше на промоцијата на проектот за изградба на новиот Културен центар Ататурк во Истанбул, кој ќе биде поставен на местото на стариот објект на операта, јавува Anadolu Agency (AA).
Нуман Куртулмуш, министер за култура и туризам, е домаќин на состанокот по повод промоцијата на проектот за изградба на новиот Културен центар Ататурк во Истанбул.
Претседателот Ердоган во своето обраќање на промоцијата изјави: „На оваа промоција на проектот за новиот Културен центар Ататурк, во мое име и во името на нашата земја посакувам негово успешно спроведување. Им се заблагодарувам на сите што учествуваа во изработката на овој проект. Се надевам дека проектот ќе биде завршен до првиот квартал на 2019 година и Културниот центар Ататурк ќе биде пуштен во употреба, тој ќе стане симбол на Истанбул и ќе биде негова гордост“.
„Денеска го започнуваме она што Турција требаше да го направи пред 10 години. Тажен сум, бидејќи во тој случај културниот центар ќе беше одамна завршен и ќе му служеше на народот“, рече турскиот претседател Ердоган.

За рушењето на стариот објект и изградбата на новиот Културен центар, претседателот Ердоган рече: „Истражувањата направени во 2007 година од страна на различни институции, покажаа дека оваа зграда веќе не може да се користи. Многу добро знаеме дека дадениот отпор против рушењето и повторната изградба на овој објект, и покрај научните податоци, не потекнува од чувствителноста за културата и уметноста, туку од идеолошката опсесија. По толку протести, судски процеси, кампањи, борби, конечно стапнавме на патот на науката, умот, логиката. Со презентирањето на проектот денес започнува процесот на уривање и повторна изградба на Културниот центар Ататурк“.

Претседателот Ердоган, за причините за проблемите кои во изминатите години се јавуваа околу изградбата на новиот Културен центар Ататурк рече: „Менталитетот што е против повторно градење на Културниот центар Ататурк е ист со менталитетот што се обидува да ја спречи борбата на Турција против терористичките организации. Тоа се истите сили што се обидуваат да ги спречат нашите големи проекти, како новиот аеродром во Истанбул, и исти со оние што се обидуваат да ги саботираат нашите операции во Сирија и во Ирак“.

„Да ги прашаме тие што секогаш кога ќе ја отворат устата зборуваат за современост, западност, европеизам, модернизам, кои дела ги создале во светски рамки? На пример, дали успеале да создадат еден оперски пејач, еден поп-пејач, еден актер, еден гитарист во светски рамки? Како што во светски рамки не можевме да создадеме еден автомобил, авион, компјутер, телефон или оперативен систем, за жал, истиот неуспех ќе го доживеевме и во областа на културата и уметноста“, рече претседателот Ердоган.

- Историја на Културниот центар Ататурк -
Проектот за изградба на Културниот центар Ататурк, планиран како театарски објект, изработен е во 1946 година, од страна на архитектот Аугуст Перед, со локација на плоштадот Таксим во Истанбул.
Објектот е отворен во 1969 година, под името Културен центар Истанбул. По пожарот кој избувна во 1970 година, за време на една театарска претстава, објектот повеќе не можеше да се користи. По извршените поправки, културниот центар повторно се сретна со љубителите на уметноста во 1977 година.
Подрачјето на коешто е изградена зградата, со одлука на Советот за конзервација во 1993 година е регистрирано како „урбано заштитено подрачје“, а во 1999 година како „културно добро што треба да се заштити“.
На барање на Министерството за култура и туризам, Универзитетот „Сакарја“ во 2007 година изврши испитување и поднесе извештај во којшто се наведува дека е потребно да се засили армирано-бетонската конструкција на објектот.
По потпишувањето на протоколот, во 2009 година беа започнати работите за поправки и реновирање на објектот. Иако работите што требаше да се направат беа одобрени од одборот, 9-тиот Управен суд во Истанбул истата година одлучи да ја откаже одлуката на Комитетот за заштита на културните објекти и неговите дополнителни објекти.
По оваа одлука, донесена е одлука да се заштити постоечката форма на објектот и беа подготвени проекти за зацврстување, поправки и реновирање на објектот, по што министерството во 2012 година отвори тендер за „Зацврстување, поправка и реновирање на Културнниот центар Ататурк во Истанбул“.
По деталната анализа на објектот, Истанбулскиот технички факултет (ИТУ) направи истражување во кое е утврдено дека уништувањето на објектот е многу поголемо од претпоставеното, по што на 23 мај 2013 година е донесена одлука за запирање на работите околу поправката и реставрацијата на објектот.
news_share_descriptionsubscription_contact
