İlkay Güder
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
АТИНА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, за последните случувања во врска со Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Според изворите блиски на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ердоган и папата Франциско за време на разговорот нагласиле дека последната постапка на американската администрација во врска со прашањето за Ерусалим е загрижувачка.
Турскиот претседател истакна дека формирањето на незавина и суверена држава Палестина со Источен Ерусалим како главен град, во границите од 1967 година е услов за мир и стабилност на целиот регион.
Тој додаде дека и сите кои имаат совест треба јасно да го искажат своето мислење за ова прашање, и изрази благодарност до папата Франциско поради апелот да се задржи досегашната состојба во Ерусалим.
Ердоган истакна дека Ерусалим претставува свето место и за евреите, христијаните и за муслиманите.
Поглаварот на Римокатоличката црква за време на разговорот нагласи дека е потребно да се избегнува каква било постапка со која би се променил статусот на Ерусалим.
Двајцата соговорници напоменаа дека меѓународната заедница треба да реагира на секоја постапка во врска со Ерусалим која би претставувала кршење на меѓународното право и резолуцијата на ОН.
Исто така, порачаа дека во своите изјави јасно ќе истакнуваат дека постапката која ја презеде администрацијата на САД е погрешна.
Трамп на синоќешната прес-конференција соопшти дека е време Ерусалим официјално да биде признаен како главен град на Израел. Американскиот претседател во таа пригода кажа дека веќе ѝ дал инструкции на американската администрација да започне со подготовките за преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.