Hülya Çorakçı Ertan
28 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Истанбул изјави дека со големо внимание ги следел синоќешните случувања во Македонија, нагласувајќи дека насилството не е решение за ниту еден проблем, јавува Anadolu Agency (AA).
„Случувањата по изборот на претседател на Собранието се загрижувачки. Насилството не е решение за ниту еден проблем. Им посакувам брзо закрепнување на сите кои се повредени или претрпеа друга штета. Од турската заедница очекуваме да задржи умерен став. Очекуваме пријателската и братска Македонија што побрзо да се врати на својата стабилност и спокој”, изјави претседателот Ердоган.
- Претседателство на Турција: Со здрав разум, да се надмине тешкиот период низ кој минува Македонија
Претседателството на Турција ја изразува својата длабока загриженост поради настаните во македонското Собрание и ги повикува страните да се водат според здрав разум.
Во реакцијата на Претседателството на Турција се изразува длабоката загриженост од можноста вчерашните настани во Собранието на Македонија да доведат до ескалирање на политичката криза, која веќе подолг период владее во Македонија. Во реакцијата се вели дека турското Претседателство се надева оти разликите во мислењата што постојат во Македонија ќе бидат решени во најкус временски период, со дијалог, помирување и толеранција меѓу страните.
„Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред извесен период оствари телефонски разговор со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во кој зборуваше за конструктивниот став и желбите на Турција кон Македонија. За изградбата на траен мир на Балканот, Македонија е земја со клучно значење. Посакуваме страните, водени од здравиот разум, во најскоро време зад себе да го остават тешкиот период низ кој минува Македонија. Во корист на сите групи во Македонија е работата околу формирањето на новата влада во Македонија да се спроведе според принципите на демократска правна држава. Турција, која со Македонија има долги историски и културни врски, ќе продолжи да ја поддржува Македонија во сите чекори што ќе ги направи на патот кон мирна и просперитетна иднина“, соопшти Претседателството на Турција.
Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието.
Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.
Министерство за внатрешни работи информираше дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници.