Ali Kemal Akan
20 Јануари 2018•Ажурирај: 20 Јануари 2018
ЌУТАХИЈА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во турскиот град Ќутахија, потврди дека операцијата во Африн веќе започнала на терен, и дека по оваа операција следува и Мунбиџ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојува во посета на турскиот град Ќутахија, каде се обрати на насобраните граѓани, а во таа прилика се осврна на актуелните случувања.
Во фокус на неговото обраќање беа активностите на турската војска во северниот дел на Сирија, поточно операцијата во Африн.
„Операцијата во Африн започна на терен. По оваа операција, следува Мунбиџ“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека со оглед на тоа што ветувањата дадени за Мунбиџ не се исполнети, никој нема право да се меша во она што Турција мора да го направи.
Тој порача дека никој не треба да се обидува да ја измамува Турција на начин на терористичката организација да и се дава друго име. Ердоган нагласи дека секоја организација која се состои од терористи не е ништо друго освен терористичка.
„Оние кои во Сирија монтираат некоја своја игра, мислат дека е итро тоа што го менуваат името на терористичката организација. Како и да се вика таа, секоја организација која се состои од терористи за нас е терористичка организација. Името и е Сириски демократски сили, па гранична војска, па чувари на границата, па група за заштита на внатрешната безбедност... Кого вие се обидувате да измамите? Оваа организација се вика ПКК, се вика ПЈД, се вика ЈПГ“, порача Ердоган.
Ердоган изнесе критики на сметка на САД, велејќи дека ќе сфатат колку е погрешно да се потпираат на терористички организации, и дека во регионот не можат да најдат подобар партнер од Турција.
„Кога ќе им кажете Турчин, на нив веројатно им паѓаат на ум безрбетниците и некарактерните припадници на предавничката мрежа ФЕТО, кои ги хранеа и кои им се корисни за различни цели. Кога ќе им кажете сојузник со кого можат да соработуваат во регионот, тие мислат само на ПКК на кои им даваат пари и ги користат како сакаат, а тие не се ништо друго освен војска на сериски убијци. Но, не грижете се, ќе сфатат колку е погрешно да се верува на терористичките организации. Ќе сфатат дека во регионот за соработка нема да можат да најдат подобар партнер од Турција“, нагласи Ердоган.
Тој упати порака и до лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, дека САД ќе внимаваат на него се до еден момент, кога ќе биде фрлен како валкана марама.
„ФЕТО, уште колку ќе бегаш? Уште колку Америка ќе внимава на тебе? Ќе те чува до одреден момент а потоа ќе те фрли како искористена валкана марама. Ќе рече: 'Нема повеќе да се замараме со тебе'. Тие денови се ближат, ќе ги видиме“, порача турскиот претседател Ердоган.