Fatih Hafız Mehmet
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вечерва истакна дека турските сили ги нападнале и уништиле терористите во нивните бази и нивните засолништа и дека тоа продолжуваат да го прават, јавува Anadolu Agency (AA).
„Терористите се обидоа да го срушат единството на Турција предизвикувајќи хаос на улиците, па во рововите, потоа со заговори преку судството, па дури и со директен обид за пуч. Сите тие напади ги одбивме со борбата во која бевме рака под рака со нашиот народ“, изјави Ердоган на собирот на раководството на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во Истанбул.
Истакнувајќи дека терористите во близина на турските граници се исто така закана за единството и безбедноста на Турција, Ердоган рече дека тој ветил и го одржал ветувањето дека ќе ги нападне и ќе ги уништи.
„Нивниот последен потег беа економските напади преку каматните стапки, инфлацијата и вредноста на валутата. И тоа го ставивме под контрола, благодарение на добрите мерки и инфраструктурата којашто ја изградивме во текот на изминатите 16 години“, рече Ердоган.
Турскиот претседател исто така нагласи дека АК Партијата подготвено ги пречекува локалните избори во март во Турција.
Тој додаде дека таа политичка опција победи во последните 14 изборни и референдумски трки во Турција и дека и по следните избори ќе излезе дополнително зајакната.
Нагласувајќи дека изборите за него се еден вид положување сметка за направеното и претставување на плановите за во иднина, Ердоган рече дека тоа ќе биде уште еден тест во кој главниот збор ќе го има народот.
За кандидат за градоначалник на Истанбул, АК Партијата го именуваше поранешниот премиер и актуелен челник на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим. Ердоган вечерва истакна дека Истанбул е исклучително голем и важен град што заслужува да има толку силен кандидат за таа функција.