АНКАРА (АА) - Турција е земја на сите луѓе кои живеат во неа, но и на сите наши браќа кои живеат надвор од границите на Турција, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние никогаш не сме дозволиле и никогаш нема да дозволиме поделби меѓу луѓето, Турција е земја на сите нејзини граѓани, Турција им ја отвори вратата на своите браќа што живеат надвор од нејзините граници. Во Турција ги примивме и нашите браќа Курди од Кобани“, рече Ердоган во своето обраќање пред пратениците на неговата Партија за правда и развој (AK Parti) во турскиот Парламент.
Ердоган порача и дека никој не треба да очекува Турција да седи со скрстени раце додека кризата од Сирија се обидува да се прелее на нејзина територија.
Претседателот на Турција потсети и дека првиот претседател на РБиХ, Алија Изетбегобиќ, го задолжол да се грижи за Босна и Херцеговина.
„Алија ме задолжи да се грижам за Босна, Турција се грижи за напредокот на целиот регион. Подигнуваме споменици на нашата заедничка историја во БиХ, во Македонија, во регионот“, појасни Ердоган.
Турскиот претседател изјави и дека американскиот претседател Доналд Трамп во телефонскиот разговор го потврдил повлекувањето на американските трупи од Сирија, и дека од страна на Турција ќе биде воспоставена безбедносна зона во Сирија во должина од 32 километри.
Вчера Ердоган реализира телефонски разговор со американскиот претседател Трамп, на кој беше разговарано за идејата за воспоставување безбедносна зона во северна Сирија.
Ердоган изјави дека на Трамп му кажал дека Турција го прифаќа сето население во Сирија без никаква дискриминација.
„Ние исто така му кажавме дека ПКК/ЈПГ ги измачува групите во Сирија кои не зависат од нив. Исто така, рековме дека сите документи во врска со ова прашање се дадени на неговите советници“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека со Трамп се договориле да го зголемат обемот на трговска размена меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) на 75 милијарди долари.
Телефонскиот разговор беше реализиран откако Трамп се закани дека „ќе ја уништи економијата на Турција доколку таа ги нападне Курдите“, поистоветувајќи ги Курдите со терористичката организација ПКК/ЈПГ, поистоветување кое Турција континуирано го критикува.
Турскиот претседател ги повика Курдите да не бидат измамени од терористичките организации, додавајќи: „Апелирам до моите курдски браќа. Не треба да бидете измамени од оваа игра... Турција е земја и на моите курдски браќа.“
По неочекуваното соопштение во декември дека американските сили ќе ја напуштат Сирија, официјални американски претставници рекоа дека повлекувањето е условено со тоа Турција да не ги напаѓа „Курдите“, мислејќи на припадниците на терористичката организација ПКК/ПЈД.
Турските власти го критикуваа поистоветувањето на Курдите со терористичката организација од страна на САД, велејќи дека турската операција во Сирија е насочена кон терористичката организација која во Сирија претставува подеднаква закана за Арапите, Туркмените и за Курдите.
Во својата 30-годишна кампања против Турција, терористичката организација ПКК ги одзеде животите на околу 40.000 луѓе. ЈПГ/ПЈД е нејзин сириски огранок.