Aynur Ekiz,Ali Kemal Akan
07 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган ги повика граѓаните на Турција „парите кои ги чуваат под перница дома, да ги вложат во економијата за да земјата може да продолжи со економскиот раст", јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги повикувам сите наши граѓани парите кои ги чуваат под перница дома, како и златото, да ги вложат во банките и компаниите, така што сите ќе придонесеме за напредокот на нашата земја", рече Ердоган во обраќањето на ифтарската програма во Анкара.
Изрази очекување дека Турција по 24 јуни, кога во земјата ќе бидат одржани парламентарни и претседателски избори, ќе продолжи со уште посилен економски раст и просперитет.
„Нашата економија по 24 јуни ќе продолжи со уште посилен раст", рече Ердоган додавајќи дека неговата земја за многу други земји ширум светот претставува економски модел.
„Турција со економски резултат постигнат во текот на претходните 16 години претставува модел на глобално ниво", рече турскиот претседател.
Нагласи дека и покрај тоа, некои луѓе сакаат Партијата на правдата и развојот (АК Партија) да ја отсранат од власта.
„Овие од агенциите за кредитен рејтинг даваат изјави не врз основа на нашата економија, туку за да дополнително ги поттикнат дебатите против нашата земја. Да видиме дали ќе им биде непријатн кога ќе ги видат цифрите на нашиот економски раст? Знаете ли што е нивниот проблем? 24. јуни. Мислат, можеме ли на 24. јуни да ја срушиме Партијата на правдата и развојот (АК Парти)? Можеме ли да го срушиме Ердоган? Тоа се нивните пресметки. Но, нема да може да не срушат, нема да успеат во тоа", рече турскиот претседател.
Истакна дека неговата цел е до 2023 година примањата на граѓаните на Турција и граѓаните на ЕУ да бидат еднакви.
„Пред 16 години, примањата на граѓаните на Турција изнесуваа третина од примањата на граѓаните на земјите на Европската унија (ЕУ). Денеска граѓанинот на Турција има примања кои изнесуваат близу две третини од примањата на граѓанинот на ЕУ. Нашата цел е до 2023. година ова да го изедначиме, па дури и да го надминеме", рече Ердоган потсетувајќи дека Турција сега се наоѓа меѓу најголемите светски економии.
„Турција моментално не се наоѓа меѓу земјите во развој, туку и пред многу развиени земји", истакна Ердоган.
На крајот нагласи дека Турција воопшто нема проблем со буџетот, ниту со задолжувањата.
„Турција нема ниту најмал проблем кога се работи за приходите, расходите, задолжувањето или отплата на долгови", рече турскиот претседател.