Ekipa
21 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Третиот вонреден конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti), на кој се очекува враќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на чело на партијата, којашто ја основаше во август 2001 година, започна во спортската сала во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на овој конгрес е единствниот кандидат за претседател на Партијата АК.
Конгресот, на кој присуствуваат 1.370 делегати, отворен е со избор на конгресните тела, додека пред салата на големи екрани конгресот го следат илјадници симпатизери.
Претседавачот со Конгресот и заменикот-претседател на АК Партијата, Хајати Јазиџи, изјави дека денешниот конгрес е историски настан за Турција, бидејќи на чело партијата се враќа нејзиниот основач Ердоган.
„Почитуван претседателе Ердоган, го чувавме вашиот аманет и со гордост го носевме знамето што ни го предадовте. Во исто време, ни недостасувавте овие 998 дена, но фала му на Бога, го дочекавме и вашето враќање“, порача Јазиџи.
Тој истакна дека Партијата АК во изминатата деценија и половина, со крупни чекори ја водеше Турција кон напредок, но, исто така, надмина и бројни предизвици и искушенија со коишто се соочи Турција и нејзиниот народ.
На денешниот конгрес во Анкара ќе се избираат раководните тела на Партијата АК, вклучувајќи ја и позицијата претседател, на која се очекува враќање на Ердоган и заминување на сегашниот челник, Бинали Јилдирим, кој ја извршува и функцијата премиер на Турција.
Ердоган од чело на партијата отстапи на 27 август 2014 година, кога на првите претседателски избори беше избран за претседател на Турција, а челната позиција во партијата му ја препушти на тогашниот премиер Ахмет Давутоглу.
Враќањето на Ердоган на чело на партијата по 998 дена беше овозможено на референдумот, на кој на 16 април турските гласачи одобрија спроведување на уставни реформи со кој се предвидува воведување на претседателски систем и му овозможува на претседателот на државата активно членување во политичка партија.
Вториот вонреден конгрес на Партијата АК се одржа во мај минатата година, кога на чело на партијата беше именуван Бинали Јилдирим.