АНКАРА (АА) - Падот на Алепо ќе биде клучна придобивка за режимот и неговите поддржувачи, сепак, тоа ќе ја продлабочи веќе трагичната хуманитарна ситуација на теренот и ќе го охрабри режимот на Асад пред индиферентноста на светот кон најсуровата и најбрутална војна во последно време, напиша во својата колумна за "Daily Sabah" гласноговорникот на Претседателството на Република Турција Ибрахим Калин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својата колумна тој потсетува дека војната во Сирија влезе во петтата година и дека веќе одредено време исчезнува од насловните страни и дневниот ред на светската заедница.
„Сириската војна, сега во својата петта година, постепено исчезнува од насловнитe страни и агендата на светската заедница. Додека светот се свртува кон следната приказна на повидок, крвопролевањето во Сирија продолжува, уништувајќи животи, заедници, историја и, пред сè, било каква надеж дека оваа војна ќе заврши и народот на Сирија повторно ќе види мир и просперитет”, напиша Калин.
Во текот на последните четири години, Сирија, како целина, го носеше товарот на оваа крвава војна. Но, Алепо, вториот по големина град во Сирија и нејзин културен и финансиски центар, е во центарот на најинтензивните борби во последниве недели, напомена гласноговорникот на турското Претседателство предупредувајќи дека падот на тој град ќе биде клучна придобивка за режимот и неговите поддржувачи.
„Но, тоа ќе ја продлабочи веќе трагичната хуманитарна ситуација на теренот и ќе принуди десетици илјади нови бегалци да тргнат кон Турција. Пред сè, тоа ќе го охрабри режимот на Асад пред незаинтересираноста на светот кон најсуровата и најбрутална војна во последно време”.
Советот за безбедност при ОН на 18-ти декември 2015 година ја усвои Резолуцијата 2254 која ја поддржува мапата на патот на мировниот процес во Сирија.
„Усвоената резолуција требаше да постави нова рамка и одреден временски распоред за окончување на војната, за дотур на хуманитарна помош и да го започне процесот на политичка транзиција кон легитимна, демократска и сеопфатна влада во Сирија. Резолуцијата, исто така, требаше да ја потпомогне борбата против ДАЕШ. Но таа не постигна ниту една од овие цели, бидејќи режимот продолжи да ги напаѓа опозициските позиции и цивилите во Идлиб, Алепо и во останатиот дел од земјата со поддршка на руските сили од воздух и групите на шиитската милиција на теренот”, истакна Калин.
Toj потести дека Минхенскиот договор за „прекин на непријателствата“ прифатен на 11-ти февруари требаше да го подготви теренот за преговорите предводени од ОН во Женева. И покрај тоа што го намали нивото на насилство кон крајот на февруари и март, сега работите повторно сè повеќе се влошуваат од ден на ден. Освен тоа, има мал напредок во борбата против ДАЕШ во Сирија и Ирак.
„Како што потврдуваат официјални лица од ОН, до ден денес режимот на Асад постојано ја прекршува резолуцијата 2254 на Советот за Безбедност на ОН и Минхенскиот договор. Режимот продолжува да бомбардира цивилни и области под контрола на опозицијата во Идлиб, северно од Латакија и Алепо, убивајќи стотици цивили и оневозможувајќи хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна. Сега, режимот ги концентрира своите напади врз Алепо. Напаѓа училишта, пекари, болници и патишта со цел казнување на цивилите во областите под контрола на опозицијата”, истакна Калин и додава:
„ Ова е типична руска тактика - да се бомбардираат не само борците, туку и нивните семејства, домови и градови, со цел тие да се откажат од борбите, без всушност да истрелаат еден куршум. Опозицијата се спротивстави на ова неселективно убивање. Но, не постојат веќе безбедни области во и околу античкиот град Алепо. Без надеж на повидок, Алепо станува уште еден град на духови. Неговото, речиси целосно, уништување е трагичен знак на неуспехот на меѓународната заедница да се спаси Сирија и нејзиниот народ”, подвлече гласноговорникот на турското Претседателство.
Тој истакна дека уште oд почетокот на војната во Сирија многумина биле на ставот дека не постои воено решение за Сирија. Но, режимот на Асад, Русија и шиитската милиција кои го поддржуваат режимот во Дамаск го докажаа спротивното. Тие го искористија секој облик на воена сила, вклучувајќи го хемиското оружје, касетните и барел бомби и воздушните напади, за да го променат текот на настаните.
„Дипломатската иницијатива на ОН предводена од САД и Русија е манипулирана со цел да се пролонгира опстојувањето на режимот на Асад и да се обезбеди политичка калкулација на неговите поддржувачи”, истакна Калин.
Во меѓувреме, ДАЕШ успева да ги задржи областите кои ги има под своја контрола. Калин смета дека политиката на пренасочување и одложување во преговорите предводени од ОН во Женева ѝ помага на оваа терористичка група да регрутира нови членови и да ги прошири своите сфери на влијание.
„Коалициските воздушни напади сигурно ги ограничуваат своите оперативни способности во одредени делови на Сирија и Ирак. Но, главното тело на ДАЕШ се чини е доволно силно за да лансира нови терористички напади”, смета Калин.
„Таков е случајот со турскиот град Килис во близина на границата со Сирија, каде што од ракетните напади на ДАЕШ загина 21 лице. Турските вооружени сили ги бомбардираа позициите на ДАЕШ од Килис, ликвидирајќи десетици терористи на ДАЕШ. Тие беа потмогнати од воздушните коалициони сили. Турција ќе продолжи да прави сè што е потребно со цел да ги спречи овие ракетни напади”, додаде тој.
Но едноставен e фактот дека сè додека режимот на Асад e на власт и ја продолжува својата војна на уништување под маската на мировните преговори, ДАЕШ ќе остане ефективна сила на теренот. Двете чудовишта на сириската војна, односно, криминалниот режим на Асад и терористичката ДАЕШ, се хранат едни со други и го споделуваат злоделото на уништување на Сирија и нејзиниот народ.
„Она што режимот на Асад му го прави на Алепо и неговото историско наследство не е помалку варварско од она што ДАЕШ ѝ го направи на Палмира минатата година. Неговото неселективно убивање на жени и деца, лекари, медицински сестри и хуманитарни работници не е ништо помалку туку военo злосторствo и злосторствo против човештвото. Ова е повторување на она што се случи во Босна во 1990-те само на многу подеструктивен и понехуман начин. Пасивноста на светот за тогашно запирање на геноцидот во Босна останува темна дамка во современата историја. Покажаната индиферентност кон страдањето на сирискиот народ во историјата ќе биде забележана како голем срам за човештвото”, подвлече Калин додавајќи дека падот на Алепо ќе биде повеќе од само губење на еден град.
„Тоа ќе биде пропаст на последната надеж на сирискиот народ за мир, слобода и достоинство. Тоа ќе биде давање на уште една кукавичка победа на Асадовиот режим. Но, уште потрагично е тоа што ќе испрати болна порака до народот на Сирија дека тие се оставени сами на себе”.
„Ако ОН, САД и Русија се навистина сериозни за запирање на оваа монструозност, тие првин треба да го запрат режимот на Асад од поткопување на она што остана од надежта за постигнување мир, безбедност и просперитет во Сирија. Преговорите во Женева немаат значење кога барел бомбите и воздушните напади горат и уништуваат сè во Алепо”, заклучува Калин во својата колумна посветена на случувањата во сирискиот град Алепо и воопшто Сирија”, заклучува Калин во својата колумна посветена на случувањата во Алепо и воопшто во Сирија.