Ivana Ramadanova
25 Јуни 2017•Ажурирај: 26 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис–ул–улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да Ви упатам честитки по повод празникот Рамазан-бајрам“, стои во честитката.
Иванов во честитката додава дека Рамазан-бајрам е еден од двата најзначајни исламски празника кој го означува крајот на едномесечниот пост и го слави духовното и телесното прочистување. Следните три дена, светиот месец ќе се слави во кругот на семејството и блиските.
„Овој месец е познат и како месец на добрина, милост, солидарност и простување; мисли и заложби на сите нас подеднакво, бидејќи воздржаноста од лошите мисли и духовното воздигнување се универзални човечки вредности. Во духот на празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет“, стои во честитката од претседателот.