Admir Fazlagic
10 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на Иванов, на средбата, двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и можностите за што поскоро разрешување на политичката криза.
„Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели", истакнал претседателот Иванов.
На средбата, како што се соопштува, била потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на Влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици, информираат од кабинетот на Иванов.
„Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји."
Во соопштението се наведува дека, еврокомесарот Хан го запознал претседателот Иванов за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, и истакна дека новата Влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на европската иднина на земјата.
„Претседателот Иванов уште еднаш укажа дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан. Комесарот Хан истакна дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на Влада посветена на европските интеграции", се вели во соопштението.
Исто така, се додава дека македонскиот претседател на средбата со Хан истакнал дека „како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија."
„Воедно, Претседателот истакна дека очекува од новата Влада да има два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија", информираат од кабинетот на претседателот Иванов по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан.
Инаку, еврокомесарот Хан вчера присуствуваше на министерската конференција за енергетика, на која беа присутни министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Тој оствари средба со претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев и со лидерите на шесте политички партии кои на последните предвремени парламентарни избори одржани на 11 декември минатата година освоија мандати во Собранието, во обид да се разгледаат можностите за формирање Влада.