Иванов ја поништи аболицијата за 22 експонирани политичари
Тој посочи дека сите други лица кои беа помилувани на 12-ти април, согласно законските измени, имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилувањеIvana Ramadanova
27 Мај 2016•Ажурирај: 28 Мај 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - Претседателот Ѓорге Иванов попладнево во обраќањето до граѓаните во претседателската вила „Водно“ изјави дека донел одлука за поништување на аболицијата за 22 експонирани лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, истакна Иванов.
Тој посочи дека сите други лица кои беа помилувани на 12-ти април, согласно законските измени, имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување.
„Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции кои можат да се справат со предизвиците од мигрантската криза, особено во пресрет на најавите за новиот бран на бегалци и мигранти", посочи претседателот на државата.
За одлуката што ја донесе на 12-ти април за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка, за поголем број лица, согласно Уставот и Законот за помилување, Иванов истакна дека како тогаш, така и сега смета оти ја донел исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
„Многумина за жал не ја разбраа оваа идеја, или можеби не сакаа да ја разберат. Дебатите и во домашната и во меѓународната јавност отидоа во друг правец. Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда, дека политичарите се над законите. Најсовесно изјавувам дека немав таква намера“, посочи претседателот Иванов.
Потенцира дека искрено верувал и сѐ уште верува оти одлуката за помилување била најдобрата можност за излез од политичката криза.
„Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго, што не е од интерес ниту за граѓаните, ниту за државата. Сакам да порачам дека, како и досега, така и во иднина, секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата“, истакна во своето обраќање претседателот Ѓорге Иванов.