АНКАРА (АА) - Документите и извештаите на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) што се подготвени за време на 80-тите години, а од кои е тргната ознаката за тајност и е дозволен пристап до нив, покажуваат дека Сирија давала секаков вид на поддршка за терористичката организација ПКК, пишува Anadolu Agency (AA).
Во извештаите на ЦИА се наведени многу интересни информации за терористичката организација ПКК, која активно се појавува токму на почетокот на 80-тите години. Во документите, покрај идеолошката и организациската структура на ПКК, наведени се и информации за некои земји што ѝ давале поддршка на оваа организација.
Бидејќи иранско-ирачката војна дојде до мртва точка, ПКК започна активно да дејствува благодарение на надворешната помош. Но, сепак за опстанокот на оваа терористичка организација беше потребна поголема помош однадвор, а Сирија е една од земјите што најмногу ѝ дале поддршка на ПКК.
„Сирија ја поддржа ПКК за да изврши притисок на Турција во врска со недоразбирањата што ги имаше со оваа земја“, се вели во извештајот.
ЦИА на 28 август 1985 година подготви извештај на 12 страници за терористичката организација ПКК. Во него се наведува историјата на ПКК, идеолошката структура на организацијата, погледот кон курдското прашање, терористичките напади, но и „надворешната политика“ на организацијата. Некои информации за земјите што ја подджувале ПКК остануваат и понатаму под ознаката „заштитени“.
Исто така, наведено е дека ПКК во тој период била активна во северен Ирак и дека соработувала со движењето „Хизби ислами“, поддржано од Иран. Освен поддршката на Сирија, нагласено е дека индиректен спонзор на ПКК била и Либија.
Во извештајот објавен на 12 февруари 1986 година, под наслов „Сириската закана“, се зборува и за односите меѓу Турција и Сирија, и се наведува дека политичките разлики меѓу двете земји во секој момент можат да добијат „сериозна димензија“.
„Сиријците отворено ги чуваат противниците на Турција и веруваме дека Сирија ги занемарува терористичките активности кон Турција. Сирија ѝ дава голема поддршка и на ПКК на подрачјето на Ирак. Колку и да сака Владата на Сирија да ги спречи ирачките Курди да им помагаат на елементите на ПКК во Турција, во тоа ќе има тешкотии“, наведено е во извештајот.
Во уште еден извештај на ЦИА, објавен на 14 февруари 1986 година, на детален начин се опфатени односите на Турција и Сирија, а како главно прашање меѓу овие две земји се наведуваат браните на реката Еуфрат и поделбата на водата.
Во делот насловен „Загриженост на северниот фронт“ се зборува за врските на Сирија со терористичките организации.
„Иако имаме мал број независни информации за односот на Сирија со терористичките организации, поддршката на Сирија кон нив е видлива и е сѐ поголема. Дамаск се надева дека поддршката на организацијата против Турција ќе ја користи како адут во односите со Турција“, се вели во споменатиот извештај.
Исто така, и во извештајот од 7 мај 1987, ЦИА зборува за сѐ поголемата сириска поддршка на тероризмот на ПКК, а во воведната реченица од извештајот се вели: „Сирија од почетокот на 1980 година ѝ дава поддршка на ПКК преку воена обука, оружје и пари“.
news_share_descriptionsubscription_contact
