İdris Okuducu
15 Октомври 2017•Ажурирај: 16 Октомври 2017
КИРКУК (АА) - Во екот на тензиите меѓу ирачките сили Хашд Шаби и курдските пешмерги во Киркук, денес во Сулејманија се состанаа претседателот на Ирак, Фуад Масум, и претседателот на Регионалната курдска управа во северниот дел на земјата, Месуд Барзани, јавува Anadolu Agency (AA).

Состанокот е организиран зад затворени врати во градот Докан, а присуствуваат и челниците на Курдската демократска партија и Унијата на курдски патриоти.
Паралелно со тоа, во Киркук, подрачје богато со нафта, продолжуваат тензиите меѓу проирачките сили Хашд Шаби и прокурдските пешмерги.
На полноќ истече рокот кој ирачките власти го дадоа на Регионалната курдска управа за предавање на контролата над аеродормот, воените бази и над изворите на нафта во тој регион, па жителите се вознемирени поради можно избивање на судири.
Еден од командантите на проирачките сили, Хади Амир, утринава изјави дека од Багдад не добиле никаква наредба за напад врз позициите на курдските пешмерги.
Таа изјава донекаде го смири загриженото население во Киркук, каде што утринава беа отворени сообраќајниците, продавниците и јавните установи кои во изминатите денови не работеа поради безбедносни ризици.
Еден од командантите на пешмергите, полковникот Беџет Омер Селим, за АА изјави дека синоќа не дошло до судири со проирачките сили Хашд Шаби, но дека тие сили и понатаму го зголемуваат военото присуство во регионот во кој линиите на разграничување се оддалечени само десетина метри.
Паралелно со тоа, силите Хашд Шаби се распоредени и во подрачјето на Тузхурмат, каде што живее курдско и туркменско население.